Конгресот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) кој се одржува во Парагвај не започна славно – претставниците на УЕФА не се појавија на вториот дел од седницата по кафе паузата.
Сите столчиња на кои претходно беа највисоките функционери на УЕФА предводени од претседателот Александар Чеферин беа празни.
Причина за нивното отсуство е револтот предизвикан од однесувањето на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, кој се појави на состанокот многу подоцна откако беше закажан. Кога конечно седна на своето место, се правеше како ништо да не се случило. Неговата насмевка и шарм во таа прилика не помогнаа да се подобри расположението на делегацијата на УЕФА.
Тие на чело со Чеферин решија како еден да не бидат дел од конгресот додека не се појави првиот човек на ФИФА.
„Краткорочните измени на распоредот на конгресите, кои служат на приватни политички интереси, не се во најдобар интерес за фудбалот. Се чини дека фудбалските интереси се дури и споредни“, велат од УЕФА.
Најавата секако е директна алузија на однесувањето на првиот човек на ФИФА и неговото патување во Саудиска Арабија.
„Сите сме во служба на фудбалот. Од оние кои се на патот до нас овде на сцената. Претставниците на УЕФА во Советот на ФИФА сметаат дека тоа треба да се нагласи во оваа прилика. Фудбалот мора да биде на прво место“, е јасна порака од УЕФА.