Home » Дефицит на здравствени работници има, вработувањето нови се уште во најава

Дефицит на здравствени работници има, вработувањето нови се уште во најава

by Журнал.мк

Министерот за здравство Арбен Таравари се надева дека до крајот на годината барем половина од околу две илјади и нешто вработени со договор на дело во јавното здравство да добијат решенија.

Одговарајќи на новинарски прашања, дали ќе се чека месец декември за новиот буџет за вработувања на лицата ангажирани со договор на дело или обезбедени се средства со ребалансот, Таравари рече дека ќе се обидат одреден број доктори да бидат вработени уште сега.

– Веќе има одлука на Влада, 300 оваа година и уште толку следната. Исто така, на одредени вработени со договор на дело ќе им дадеме решение. Меѓутоа, со број не можам да кажам точно. Се надевам повеќе од половина од овие кои се со договор на дело, ќе добијат решенија за работа, со тоа што ќе отвориме простор и за други, бидејќи имаме огромен дефицит, изјави Таравари, кој денеска беше во посетата на реновираните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.

Таравари, исто така, нагласи дека, каде и да оди, во сите градови во сите болници, првата и најголемата жалба од сите раководители на здравствените јавни институции, е, недостаток на средномедицински кадар, меѓутоа и на доктори, посебно по одредени специјализации.

Инаку,Таравари заедно со директорката на Универзитетскиот институт за радиологија, доктор Соња Николова, денеска ги посетија реновираните простории на Институтот во рамки на Хируршките клиники.Инвестицијата на Институтот опфаќа реновирани простории, осовременување на условите за работа на кадарот, како и за третман на пациентите. Реновирањето опфаќа обнова на подови, нови врати, прозори. Како што беше истакнато, станува збор за инвестиција на Институтот од над шест милиони денари, од кои 1.7 милиони денари биле обезбедени со поддршка од Амбасадата на Народна Република Кина и наменети за реновирање на просториите.

– Дополнително сакам да истакнам дека во рамки на оваа инвестиција со средства обезбедени од Министерството за здравство, е комплетирана и ангио салата на Институтот за радиологија, информираше Таравари.

Паралелно со осовременување на условите за третман на пациентите во оваа област, како што беше нагласено, посебен фокус се става и на зајакнување на кадарот. Па така, во следниот период ќе се работело на мотивирање и стимулирање што е можно повеќе доктори да специјализираат во областа на радиологија.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More