Министерството за економија го чека извештајот од Пазарниот инспекторат за проверка на цените на прехранбените производи. Министерот Бесар Дурмиши рече дека ако во јуни има енормно зголемување на цените на храната и пијалаците, во споредба со мај, ќе преземат поригорозни мерки, но не прецизираше какво зголемување се смета за енормно, ниту за кои производи би се ограничила маржата на добивка.
„За да се ублажи јазот помеѓу високите цени и стандардот на граѓаните, ресорот економија се обидува да ја зголеми куповната моќ преку намалување на невработеноста со мерки за субвенционирање на вработувања“, вели Дурмиши.
Мерката за субвенционирање на вработувања која трае до утре, овозможува малите, микро и средни компании да отворат нови работни места – досега има 1.133 апликации од фирми за 1.400 нови вработувања. Тука државата субвенционира 250 илјади денари месечно по лице до 29 години, 220 илјади денари за жени, Роми, лица со попреченост и корисници на социјална помош, и 160 илјади денари за лица над 29 години.
Мерката за самовработување, пак, е до 10 илјади евра за млади до 29 години, а ако двајца се здружат за отворање бизнис, износот е 20 илјади евра. Дурмиши рече дека досега има 7 илјади апликации.
„Со мерката за практична работа, државата има за цел 1.352 невработени до 29 години со најмалку средно образование да добијат практично работно искуство, од кои 40 лица ќе имаат виртуелна пракса од далечина“, изјави Дурмиши.
Од Министерството за економија информираат дека ќе обезбедат месечна надомест од околу 200 евра со платено осигурување и персонален данок, во период од 3 месеци. Оваа мерка е во рамки на 40 милиони евра издвоени за 10 илјади граѓани кои се предвидени да бидат вклучени во системот на труд.