Братот на францускиот фудбалер Пол Погба (31) и уште петмина мажи денеска се појавија во судот во Париз по обвинението за изнуда на пари од поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и Јувентус.
Случајот пред Кривичниот суд во Париз се одвива без присуство на Пол Погба, кој одлучи да не присуствува.
Судењето треба да трае една недела.
На обвинителната клупа седнаа братот на познатиот француски фудбалер Матијас Погба (34) и нивните пријатели од детството.
Во соопштението на Обвинителството се наведува дека на Матијас Погба му се суди „за обид за изнуда и злосторничко здружување“.
Останатите петмина, идентификувани само со нивните имиња, наводно барале 13 милиони евра од францускиот фудбалер и постојано го заплашувале, тврдејќи дека требало да им даде пари откако станал меѓународна фудбалска ѕвезда.
Адвокатите на одбраната постојано бараа од судот да го повика Пол Погба да биде сослушан.
Погба во текот на истрагата рече дека платил 100.000 евра на организирана група во која бил и неговиот брат.
Матијас заедно со уште пет лица, на возраст од 26 до 37 години, беа уапсени во септември 2022 година поради киднапирање на фудбалерот и обид од него да изнудат пари.
Погба тогаш пријави во полиција дека бандата му се заканувала со пушки и барала од него 13 милиони евра за да не објават компромитирачко видео, како и надомест за „дискретна заштита“ во последните десет години.
Инцидентот се случил во март 2022 во Париз, кога двајца мажи под закана со пушки насилно го одвеле Погба во стан во париско предградие каде фудбалерот пораснал. На таа локација членовите на бандата го обвиниле Погба дека не им помогнал финансиски откако станал професионален фудбалер.
Обвинувањата за киднапирање и изнуда уследија откако братот на Погба, Матијас, објави видео на интернет на четири јазици (француски, италијански, англиски и шпански), најавувајќи „големи откритија“ за поранешниот француски репрезентативец.
Француските медиуми објавија дека Пол Погба им рекол на инспекторите дека шестчлената криминална група сакала да го дискредитира тврдејќи дека побарал помош од врач за да го проколне неговиот француски соиграч Килијан Мбапе.
Пол Погба ги негираше обвинувањата