ВРЕДИ вели дека е подготвена да преговара за промена на грбот, но истовремено бара да се смени химната и дефиницијата за албанскиот јазик. Ова го изјави лидерот на Движење Беса, Биљал Касами во Дејли Клик, кој вели дека ова не е услов туку барање.
„Во принцип сме подготвени да разговараме за промена на грбот но во еден пакет со промена на химната, со промена на дефиницијата за албанскиот јазик кој во Уставот се води како 20% и секако со решавање на некои други проблеми со што државата ќе влијае на мултиетничката реалност на општеството на РСМ и нејзиниот пат кон ЕУ…Барања а не условувања, уставни барања, во случајов ова се барања на коалицијата, на албанскиот дел од коалицијата во случајов“, вели Биљал Касами.
Иако Касами вели дека не условуваат, сепак навестува дека нема да преговараат за грбот без да се случат измени на Законот за јазиците. Овие барања се од албанската коалицијата, рече лидерот на Движењето Беса, кој додава дека во овој мандат на ВРЕДИ ќе се изврши официјализирање на албанскиот јазик, но дека првично терминот 20% ќе биде отстранет од Уставот, кој се однесува на албанскиот јазик.
Дали албанскиот ќе биде рамноправен со македонскиот, како што рече господинот Таравари во ова студио?
„Сега…унапредувањето на албанскиот јазик во јазик еднаков на македонскиот јазик е процес, од таму каде што сме биле, до каде што сакаме да стигнеме, целосна рамноправност, се разбира дека бара процес на подготовка на општеството, процес на подготовка на институциите и процес на чекор по чекор промени на Уставот. Во овој случај велиме дека првично со овие уставни измени ќе ја отстраниме оваа дефиниција, како што велиме ние која е несоодветна за албанскиот јазик во Уставот и другата фаза е спроведувањето на постоечкиот закон, со уставни измени, секако дека ќе се направи закон за албански јазик а не како сега, законот за јазици. Целосна имплементација на Законот за албански јазик како прелиминарна фаза додека не постигнеме целосна еднаквост“, вели Биљал Касами.
Касами во Дејли клик зборуваше и за уставните измени, за решавање на проблемот со Бугарија, при што изјави дека е потребен лидер кој ќе ги седне на маса Македонија и Бугарија за, како што вели, и Бугарите да бидат вклучени во Уставот, но и Македонија да напредува кон ЕУ. Во врска со посредувањето од еден лидер, Касами рече дека се мисли на Вашингтон и Брисел.