Home » Да го изградиме Кочани

Да го изградиме Кочани

by Журнал.мк

Да го изградиме Кочани. Одново со почит и љубов кон сите загинати и повредени. Им должиме.

Со децении нè учеа да молчиме. Да слушаме. Да веруваме. Не во себе, туку во партиите. Ни зборуваа дека тие знаат што е најдобро за нас. Ни ветија иднина, па ни ја одзедоа сегашноста. И додека тие се менуваа на функциите, ние останувавме исти: разделени, апатични, разочарани. А најстрашно од сè: почнавме да веруваме дека така треба да биде.

Системот што нè уби не е само политика. Тоа е начинот на кој живееме, начинот на кој прифаќаме, начинот на кој молчиме. Тоа сме ние кога премолчуваме неправда, кога гледаме само партија, а не човек, кога прифаќаме дека на функција треба да биде „некој наш“, наместо некој способен. Овој гнил систем живее преку нас. И само ние можеме да го срушиме.

Не постојат добри партии. Постојат добри луѓе. А добрите луѓе мора конечно да престанат да чекаат. Оти, колку повеќе молчиме, толку повеќе умира Кочани.

Трагедијата што ни одзеде 62 млади животи не направи разлика меѓу „нашите“ и „нивните“. Смртта не праша кој за кого гласал. Злото не го познава партискиот билтен. И токму затоа, оваа болка мора да нè обедини. Ако не сега, кога?

Овие деца беа нашите деца. На градот. На улиците низ кои оделе, парковите во кои се смееле, училиштата во кои сонуваа. И сега, наш е долгот да не дозволиме да бидат заборавени. Љубовта кон нив и споменот за нив треба да го негуваме сите заеднички. Со дела. Со грижа за нивната генерација, за секое дете што расте во овој град. Да им создадеме безбедна и вредна иднина зашто така се чува спомен, така се враќа достоинството.

Кочани нема да го спаси ниту еден градоначалник, сам. Но имаме можност, по долго време, да се обидиме со човек кој не е залепен за никаква политичка позадина, со млад и борбен независен градоначалник кој искрено сака подобро. Тоа е шанса. Но ни тој не може сам. Му треба нашата поддршка, не со слепа послушност, туку со активна, искрена, граѓанска енергија. Да му помогнеме, не оти ни кажала партијата, туку зашто го чувствуваме како еден од нас. Оти Кочани припаѓа на граѓаните а не на партиските штабови.

И мораме веднаш да почнеме. Секоја зграда, секое маало може да стане пример. Да се поврземе меѓу себе не за политика, туку за дела. Да се создадат иницијативи по маала, да се организираат заеднички акции: чистење на запуштени површини, обновување на клупи, детски игралишта, средување на трошни ѕидови со мурали од надеж и сеќавање. Можеме да поставиме корпи за отпад каде што недостасуваат, да иницираме поставување лежечки полицајци таму каде што е опасно, да обезбедиме видливост на пешачките премини. Малку по малку, чекор по чекор, да си го земеме градот назад.

Да, ќе речат има институции за тоа. И точно е, треба да има. Но не смееме да се лажеме: тие институции во моментов се нефункционални, или бавно реагираат. Затоа, наместо да чекаме, ајде сите заедно да се погрижиме за она што можеме: за чистотата, за отпадот, за редот во нашите маала, улици, паркови. Тоа не бара политичка моќ, туку совест и волја. А градоначалникот, кој е независен и искрено посветен, нека ја води борбата за крупните проекти, ама со наша поддршка. Секој со својот дел. Така се гради град со заедништво.

Да се покренат граѓански собири на отворено, каде секој ќе може да предложи идеја. Да се создадат мрежи на маалски координатори што ќе комуницираат со општината. Ако институциите не се движат доволно брзо ние ќе ги турнеме напред.

Да се активираат средношколците и младите за волонтерски акции за солидарност, за почит, за живот. Да се создаде колективна свест дека градот е наш и од нас зависи. Да не чекаме да дојде некој да ни ги реши проблем. Ние сме тие. Ние сме промената.

Да изградиме култура на грижа. Да се откажеме од лошите навики. Да престанеме да фрламе ѓубре, да паркираме по тротоари, да се однесуваме како градот да е туѓ. Не е туѓ. Наш е. И ќе биде таков каков што ќе го направиме.

Партиите нема да ни го вратат достоинството. Ни треба нова политичка култура, нова свест, нова енергија. Онаа што ќе нè научи да мислиме општествено, да делуваме, да не се плашиме. Зашто вистинскиот систем сме ние. И од нас почнува крајот на старата приказна и почетокот на новата.

Ова е нашиот став и наше видувања на реалните случувања во Кочани.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk