Home » Цела една година го нема Косте, семејството во очај

Цела една година го нема Косте, семејството во очај

by Журнал

Една година од исчезнувањето на Косто Граоркоски, пензиониран архитект од Скопје.

Неговото семејство по една година, повторно ги објавува информациите за него, но и апелира да не биде оставен во заборав.

„ Сè уште го бараме Косте

23 јануари 2024 година

Денес се навршува токму една година од исчезнувањето на Косто Граоркоски – прекрасен човек, пензиониран архитект.

Токму пред една година, Косте, околу 17 часот излегува од дома до продавница, а потоа, му се губи секаква трага. Мобилниот телефон, бидејќи е испразнет, го остава да се полни, не го зема, а бидејќи утредента е роденден на едно од неговите внучиња, вели дека кога ќе се врати – ќе ја напише честитката.

Бидејќи е примерен и прецизен човек, откога не се враќа навреме од вообичаената прошетка, се алармираат најблиските и за еден час започнува потрага. Како изминуваат часовите, сѐ повеќе луѓе се вклучуваат во потрагата. Врнежлив, студен зимски ден, но воопшто не пречи минимум 100тина луѓе да го бараат.

Договорот е штом некој го забележи, веднаш да јави на најблиските. Уште вечерта се прави мапа на претражени локации каде би се очекувало да помине и иако е длабоко во ноќта, се среќаваш со роднини, знајни и незнајни лица и си велиш, си потврдуваш, знаеш дека е голем човек со огромно срце и иако е фасцинантно, сфаќаш дека сите тие грижливи и племенити луѓе возат, загледуваат во помалку пристапни и забутани сокачиња, да не залутал некаде или некој да не му направил нешто. За да се покрене огромна група на роднини и пријатели, другари и другарки на неговите синови и снаи да го бараат до доцна во ноќта, знаеш дека станува збор за извонредна личност која само туку – така не заслужува да исчезне.

Утредента исто и следниот ден и тој по него… Секогаш си одиш дома со чувство дека го предаваш, а невозможно е, не можеш вечно да бараш. Си велиш, знам дека тетин Косте, мене би ме барал, не би се откажал, не, не би се откажал… И не функционираш. Минуваат деновите, а кај сите негови блиски – истото чувство, тага, копнеж и желба да биде пронајден.

Во потрагата беа вклучени полиција, војска, кучиња трагачи, но до ден денешен не е пронајден. Здрав, 71 годишен, витален, толерантен човек кој разумно постапува, грижлив, без деменција, човек кој решава судоку, кој пишува книги, а и дента на компјутер му стигнува Договор за објавување на текстови во архитектонско списание во кое често објавувал свои творби, репортажи, разни документирани вредни дела.

Како роден галичанец, го љуби својот крај, Мијачијата, татковината. Автор е на многу книги и текстови за македонското културно наследство, со вознес и занес создаваше архитектура, пишуваше за неа и за знаменити македонски дејци. Творејќи со страст, низ изложбите и презентациите, во неговите уметнички слики ни доловуваше свет достоен за почит. Тој сакаше на вредноста да и даде значение! Без него не ќе го имавме Галичкиот амфитеатар на сред село онаков каков што го имаме денес. Беше падина со трева пред неговата визија. Без него и други секако добри Галичани не ќе го имавме и музејот на автентично Галичко творештво, историја и оставштина во склоп на ,,Вила Доста”. Без Косте, малку ќе знаевме за Галичките камени портали или за Мијачките дејци, а беше активен и околу работите на селската црква ,,Света Петка” во Долно маало. Тој беше еден од учесниците, организаторите и режисерите на културната манифестација ,,Галичка свадба”, а беше и еден од претседателите на Меснатa заедница Галичник.

Зарем човекот кој напиша и издаде книга со фотодокументација на галичките гробови, во која крајно студиозно ги запиша сите презимиња на галичките фамилии не заслужува поголемо внимание да се посвети на неговото исчезнување? Можеби би требало потрагата кон него да се преиначи во истрага со цел постудиозно да се расветли случајот за него.

Како плод на неговата професионалност, поетски занес и креативен дух, досега, ги објавил следниве книги и публикации: ,,Основи на градежништвото” (коавтор со Жарко Станоески), ,,Галичник 5000:1″, ,,Напластени доживувања и записи”, ,,Во спомен”, ,,Арсениј од Галичник”, ,,Галичник – културна и пејсажна импресија”, Галичник – доживувања”, Галичник – најнеобична цивилизација на светот”, ,,Света Петка заштитничка на Галичник”, ,,Галичник во мојот колаж” и ,,Галичките камени портали”.

Ја редактирал и уредил книгата ,,Галичник најкосмополитско место на светот” од Луј Адамич, а ги издал и компактните дискови ,,Галичник – скаменета приказна” и ,,Архитектура – пејсаж Галичник – Јанче”. Се претставил и со две самостојни изложби: ликовна – ,,Ликовни записи” и изложба на фотографии ,,Убавината на општината Маврово – Ростуше”.

Остана недопишана неговата нова книга која ја подготвувал…

Косте, толку многу заслужи, го сакаше човекот, ги почитуваше луѓето, се молиме за него, би сакале таму некаде да е сѐ уште жив и да добиеме вест за него.

Од сѐ срце го молиме Бога да го чува ако е сѐ уште жив, сите добри луѓе ги замолуваме да се помолат за него, а кон надлежните упатуваме апел да не го стават во заборав случајот и да не го затворат, сѐ дури не се најде некоја вест за него.

Косте ја заслужува нашата најголема љубов бидејќи постојано се даваше за најблиските, за фамилијата, за родот, за Галичник, Мијачијата, за Македонија и светот, и како што самиот испиша во еден предговор, пишуваше за сѐ она што: … ,,го надминува значењето на националните и на фолклорните рамки”. Со еден збор, даде допринос во ризницата на светското културно наследство и творештво“, пишува неговото семејство на фејсбук.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More