Дачиа навистина умее да ги убеди возачките и возачите со новата генерација на Дастер. Компактниот СУВ не само што освои наслов на семеен автомобил за 2024 година од читателите на Ауто Штрасенферкер, туку е модел што освои најмногу гласови од сите модели што конкурираа за насловот, секој во својата категорија.
Победата на Дастер важи во категоријата на возила со најдобра противвредност, со цена до 25.000 евра. За романскиот СУВ дојдоа 29,9 проценти од гласовите во категоријата,. Тоа е воедно и највисок удел што го има постигнато некој модел во годинешиот избор, во којшто учествуваа 107 модели.
Магазинот со сложено име за изговарање надвор од германското говорно подрачје, многу поедноставно за водење како сестринско издание на Ауто Мотор унд Шпорт, ги покани читателите да гласаат за преку сто практични комби-модели, ванови, СУВ и кросовери.
Меѓу клучните критериуми секако дека е големината на багажникот. Дачиа Дастер во тој поглед ги задоволува и најпребирливите, со зафатнината од 517 литри. На германскиот пазар, понудата на моделското семејство на Дастер почнува од 18.950 евра, со најосновното ниво на опрема и со основниот мотор. Цените за македонскиот пазар уште не се објавени, меѓутоа Дастер вообичаено почнува на нашиот пазар од средното ниво на опременост.
Вкупно 107 модели се натпреваруваа во три ценовни класи, а во секоја од тие класи се гласаше за одделните категории: Дизајн, технологија и противвредност, односно сооднос меѓу цената и квалитетот.
Гласови дојдоа од 11.902 читателки и читатели, кои избираа по еден севкупен победник и по еден победник од увозните марки. Дачиа Дастер победи и во севкупна конкуренција и во конкуренција на увозни марки, со својот сооднос цена-квалитет.
Одлично е оценет и дизајнот на новата Дачиа Дастер. Читателите на Ауто Штрасенферкер му доверија на СУВ-моделот второ место во конкуренција на модели со најдобар дизајн, со разлика од 0,1 процент од првопласираниот модел.
Седумседот Дачиа Џогер исто така учествуваше во изборот за семеен автомобил и освои второ место во категоријата на противвредност, за модели со цена до 25.000 евра, во општа конкуренција.
Главниот уредник на Ауто Штрасенферкер, Штефан Черкез, потсетува дека „Дачиа речиси традиционално ги освојува двете награди за најдобар сооднос во ценовната категорија А – овојпат со новиот Дастер, чијшто најголем конкурент, патем, доаѓа од истата куќа: двапати второ место за Дачиа Џогер“.