Home » Чекајќи избавување

Чекајќи избавување

by Журнал

Мојата „Бејби-бум“ генерација, родена во периодот меѓу 1946 и 1964 година, можеби најсоодветно треба да се дефинира како „генерација со најголема среќа“. Таа е првата што порасна без војна и најголемиот дел од тинејџерските години ги помина радувајќи се на слободата и перспективите во иднина. Ама немаше к’смет да продолжи да живее во уредена и нормална држава.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Доаѓа уште една „најлуда ноќ“! Традиционален дочек, во основа пагански, на Новата година како симбол на почеток на нов живот и нови надежи.

Славење на последниот ден од старата, со планови за отворање нова страница во претстојната 2024 година.

Украсување новогодишна елка, симбол на рајско дрво, со подароци и светла, кои ги претставуваат месечината и sвездите. Зимзелено дрво, како бесмртност и вечен живот, иако во стварноста сѐ минува, па и животот.

Постојат вечни теми што секогаш се возбудливи. Една од нив е судирот меѓу генерациите.

За добро или лошо, конфликтите секогаш биле поатрактивни од мирните и добри меѓусебни односи. Можеби затоа и во споровите се раѓа вистината!?

Во моментов, во светот живеат осум различни генерации. Каде почнува и завршува една, се определува од политички, економски, социјални и од културни аспекти.

Понекогаш тие се преклопуваат, затоа што не постои точен датум кога едната почнува, а другата завршува. Се смета дека една генерација трае дваесет до дваесет и две години.

Секоја генерација има свои специфични карактеристики, социјална подлога и идеали кон кои се стреми.

Освен по начинот како растеле, се разликуваат и по вредносниот систем, односно прифаќањето или игнорирањето на традиционалните вредности.

„АЛФА“ ГЕНЕРАЦИЈА

Третата различна линија се технологиите и изворите за акумулирање и користење информации.

Мојата „Бејби-бум“ генерација, родена во периодот меѓу 1946 и 1964 година, можеби најсоодветно треба да се дефинира како „генерација со најголема среќа“.

Таа е првата што порасна без војна и најголемиот дел од тинејџерските години ги помина радувајќи се на слободата и перспективите во иднина.

Ама немаше к’смет да продолжи да живее во уредена и нормална држава. По добивањето независност на тацна, повторно почна да се кодира губитничкиот менталитет и да се реафирмира деминутивот „Македонче“.

Додека првиот претседател повикуваше „македонски војничиња нема да гинат за туѓи интереси“, белосветските ментори ни ја скроија капата прекрстувајќи нѐ во Б(а)ЈР(а)М, а нашите властодршци го сменија знамето со плагирање на јапонски пешкир за на плажа.

Домашните бандити, метафорично наречени „луѓе од слама“, сорта од инсталирани политички марионети, ја зграпчија власта и безмилосно го ограбија сето што беше градено со децении.

Во урнисаниот систем, вистински господари станаа ликови со синдромот „Петар Пан“, кои хронично одбиваат да созреат и да преземат одговорност.

Внукот Максим е најновата, осма генерација „алфа“, роден во 2013 година. Генерација на иднината, прва родена во 21 век.

Име, кое потекнува од латинскиот збор „maximus“, со кое се означува нешто најголемо, супериорно.

Популарно наречената „алфа ген“ се со голем креативен потенцијал и иновативност, дигитални махери, родени во светот на ајфон, јутјуб, инстаграм.

ЕДИНСТВЕНА НАДЕЖ

Иако сѐ уште е рано за конечни заклучоци, оваа генерација веројатно ќе има пресудна улога во креирањето на македонската иднина.

Единствен заеднички именител на мојата и генерацијата на внукот е фактот што сме родени во иста држава, живееме во друга, но неизвесно е дали ќе има и трета.

Притоа, си останавме во истата недовршена со нерешливиот ребус „Македонско прашање“!

Нашата „Бејби бум“ генерација веќе навлегува во „доцна есен“.

Свесна дека не ги оствари идеалот и заветот да го нормализира налудничавиот и корумпиран систем, уморно и со неизвесност гледа во магливата иднина. Го отпеа своето!

Веројатно нема да успеат ниту „милениумците“, наши деца и родители на „алфа“ генерацијата, поради нивниот јасен тренд на одложување на животните предизвици и пресвртници.

Парадоксално, но непобитно се покажа и докажа дека во сите изминати години преовладува упорно мнозинство од народот, кој љуби да живее во партизирана држава со безредие, мизерија и корупција!

Единствената надеж за избавување од исчезнување е најновата „алфа“ генерација, на која припаѓа и внукот Максим. Останува само да дојде нејзиното време.

Со верба дека Македонија, сепак, ќе ја биде, на сите оптимисти, песимисти и реалисти, среќни новогодишни и божикни празници!

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More