Кина ја зацврсти својата доминација на светската сцена на електрични возила, со учество од дури 70% во вкупното глобално производство на ЕВ во 2024 година, покажува најновиот извештај Global EV Outlook 2025 на Меѓународната агенција за енергија (IEA).
Ова водство е резултат на децениски стратешки инвестиции, државни субвенции и технолошки иновации, кои ги издвоија кинеските производители како клучни играчи на глобалната мапа на електричната мобилност.
И покрај скептицизмот околу ЕВ во некои европски земји, глобалниот пазар раскажува поинаква приказна. Во 2024 година, се продадоа 17 милиони електрични и plug-in хибридни возила – раст од 25% во однос на претходната година. За споредба, во 2020 година беа продадени само 3,5 милиони вакви возила.
Во Кина, продажбата на возила со приклучок пораснала за 40% во однос на 2023 година, а plug-in моделите сега сочинуваат речиси половина од новата продажба. Иако делот на чисто електрични возила паднал од 80% во 2020 на под 60% во 2024, бројот на продадени батериски ЕВ сепак се зголемил седумкратно.
Европа бележи стабилен пазар, со ЕВ учество од околу 20% – слично како претходната година. Но, растот не е рамномерен: 14 од 27 земји членки на ЕУ пријавиле пораст, додека останатите стагнација или пад.
Во САД, трендот е пораст со побавно темпо: plug-in возилата учествуваат со околу 10% од вкупната продажба. Интересно, растот што во 2023 бил над 40%, во 2024 забави на само 10%, што сигнализира можен застој во пазарната динамика.