Бугаринот Јавор Калојанов и Кимбл Трстон ја добија наградата „Оскар“ на Академијата за кинематографски уметности и науки во категоријата за технички достигнувања. Признанието им е доделено за создавањето на ML Denoiser – иновација која отстранува визуелен шум од компјутерски генерирани слики, додека истовремено ги зачувува важните детали, соопштуваат од Факултетот за новинарство и масовни комуникации (ФНМК) на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Технологијата го приоритизира временското филтрирање преку техники за оптички тек, со цел да зачува важни детали при обработката на сликите. Новите стратегии, развиени од Јавор Калојанов и Кимбл Трстон, користат алгоритми за машинско учење и вештачка интелигенција за отстранување на шумот од компјутерски генерирани слики.
Наградата беше врачена на 29 април во Лос Анџелес, за време на церемонијата за претставување на научните и технички награди на Академијата, кои ги одбележуваат најзначајните технолошки достигнувања во филмската индустрија.
Јавор Калојанов и Кимбл Трстон се дел од тимот на студиото Wētā FX, кое стои зад филмови како „Аватар“, „Господар на прстените“ и „Планетата на мајмуните“.
Јавор Калојанов учел во Софиската математичка гимназија, по што во 2004 година завршил во Германската гимназија во Софија. Заминал за Германија, каде што добил диплома за додипломски, магистерски, а во 2016 година и докторски студии по компјутерски науки на Универзитетот во Сарланд. Помеѓу 2016 и 2018 година, Калојанов работел како постдокторант во Visual Computing Institute – RWTH Aachen University, каде што се фокусирал на иновативни пристапи во компјутерската графика и визуелизацијата. Во 2018 година се приклучил на тимот на Wētā FX во Нов Зеланд.
Бугарската компанија „Хаос“ (Chaos) е носител на наградата „Оскар“ во категоријата за технички достигнувања во 2017 година. Признанието беше доделено за V-Ray – додаток за рендерирање, кој овозможува брзо создавање на фотореалистични слики за кратко време. Блокбастери и хит серии како „Војна на ѕвездите“, „Спајдермен“, „Игра на тронови“, „Чудни нешта“ се создадени со помош на технологијата на бугарската компанија.
МИА