Home » Брзи кредити се делат на секој агол, има ли некаква контрола врз нив?!

Брзи кредити се делат на секој агол, има ли некаква контрола врз нив?!

by Журнал.мк

Во Македонија активни се 27 финансиски друштва. Финансиските друштва се еден од најдинамичните сегменти од финансискиот систем, чија актива во последните неколку години, е во постојан раст. Во 2023 година за кога има последни податоци од Народната банка, средствата на овој сегмент се зголемија за 24%, во чии рамки одобрените кредити (коишто се главно кон физичките лица) пораснаа за 26%, пишува Плусинфо. Дали финансиските друштва попознати како продавници за брзи кредити треба да се контролираат од Министерството за финансии или од Народната банка?

Прашањето се наметнува од фактот што овој финансиски сектор е брзорастечки и опфаќа кредитирање на потенцијално речиси половина од населението во земјава, а контролата на нивното работење е сведена на десетина инспектори во Министерството за финансии. Иницијатива за преминување на овие друштва под контрола на централната банка, се актуализира повторно бидејќи се смета дека Народна банка многу подобро би ги вршела супервизијата и надзорот на работата на овие друштва.

Вакво префрлање на надлежностите најавуваше и поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими, но сегашната министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска по сѐ изгледа не го дели истото мислење.

Од Министерството за финансии велат дека досега нема иницијатива за промена на супервизијата и надзорот над финансиските друштва.

Согласно Законот за финансиски друштва надзорот над работата на финансиските друштва кои работат на пазарот во РС Македонија се врши од страна на Министерството за финансии и во овој момент нема иницијатива за промени. Имено, во јули 2023 година беа усвоени измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва со кои, меѓу другото, се ограничија трошоците кои ги наплатуваат овие друштва, а сѐ со цел заштита на потрошувачите – корисници на кредити. Како резултат на овие законски измени беа донесени и неколку подзаконски акти – правилници, и врз основа на нив во текот на 2023 и 2024 година е спроведен засилен надзор кој придонесе за поголема дисциплина во работењето на финансиските друштва. При тоа не е евидентиран ниту еден случај на злоупотреба на лични податоци при подигнување на кредит – велат од Министерството за финансии.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини нема дилеми дека е потребна поголема контрола на овие друштва која тој смета дека Народната банка би можела подобро да ја реализира. Тој смета дека со тоа секторот не би бил извор за корупција, а граѓаните би добиле поголема заштита.

Мислам дека многу подобро би било регулирањето и контролата да ја има Народната банка. Таа е далеку поспецијализирана од Министерството за финансии каде што има поголема опасност од корупција бидејќи министерствата се покажа дека се поподложни на корупција. Дополнително и граѓаните би биле многу позаштитени ако контролата премине во Народната банка – вели Хајредини.

Економистот и поранешен пратеник Марјанчо Николов е со став дека прашањето треба да го решат заеднички Министерството за финансии и Народната банка а решението да биде во корист на граѓаните кои се најизложени на задолжување во овие друштва.

Секако главен интерес треба да биде сигурноста на граѓаните. При тоа треба да се има предвид независноста на централната банка, а секое решение да биде анализирано и од нејзина страна. Конечното решение треба да биде заедничко. Ако ме прашувате мене, мислам дека овие друштва во надлежност треба да ги има Народната банка која го контролира и врши надзор на останатиот финансиски сектор и тоа го прави мошне успешно. Сепак, како што реков, решението треба да го дадат Народна банка и Министерството за финансии – вели Николов.
Од Народната банка, пак, велат дека ова прашање е системско и треба да се решава со детална анализа на состојбата.

Промена во надлежностите врзани со супервизијата и надзорот на одделни сегменти на финансискиот систем е системско прашање, за кое се неопходни длабински анализи и претходни подготовки, особено со оглед на фактот што станува збор за голем број финансиски друштва. Инаку, во рамки на работата на Комитетот за финансиска стабилност, во кој членуваат сите институции и регулаторни тела во оваа област, Народната банка досега активно учествува во разгледувањето на сите отворени прашања и теми кои можат да имаат влијание врз финансиската стабилност – велат од Народна банка.
Оттаму наведуваат дека целите, задачите и надлежностите на Народната банка се утврдени во Законот за Народната банка. Повеќе на Плусинфо.мк.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk