Како и секоја година, така и 23. годишнина од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак, се одбележа пред малата спомен-плоча поставена на банкината од автопатот Скопје – Тетово.
Бранителите по којзнае кој пат го изразија револтот што и по повеќе од две децеении од масакрот, надлежните сѐ уште не преземаат мерки да им се оддаде почит на загинатитe на достојно спомен-обележје.
Јордан Трајковски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во воениот конфликт од 2001 година, иронично пред медиумите изрази благодарност до Владата, која, како што рече, се грижи за бранителите.
– Немаме никакви права, тоа е нешто катастрофално, како ние да бевме тие кои се бореа против Македонија, а не тие кои ја бранеа нашата држава. За загинатите се гледа како се грижат, тоа е едно чудо, а за нас живите уште повеќе. Последен чин е да нè прогласат за терористи и да нè осудат, да нè стават во затвор. Дали ова личи место за одбележување? Тука треба да дојде Врховниот командант, ние сме Армија, а не со заменици да славиме. Плус централната прослава да биде тука на Карпалак, а не во Прилеп, тука доликува да биде свеченоста. Не можеме да извадиме едно барање дека сме учесници во 2001 г., треба да размислат што со нас, немаме никакви права, ни вработување, ни ништо. Тие кои ја нападнаа Македонија ги имаат сите бенефиции, јас не можам да појдам на едно бањско лекување, земам 14.000 денари пензија. Оваа држава ја водат глуви. Еднаш да нè прашаа нас бранителите како живееме. Големо разочарување е, 23 години се молиме за еден споменик – рече Јордан Трајковски, претседател на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во воениот конфликт во 2001 година.
На Карпалак пред спомен-плочата се поклонија и цвеќе положија семејствата на загинатите, бранители, организации, преставници на политички партии, владини делегации.
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, посочи дека Владата работи на ова место да има достојно спомен- обележје.
– Денеска, на овој голем ден од поновата македонска историја на Карпалак чуствуваме голема болка и тага за десетте загинати прилепски бранители кои пред 23 години загинаа во конвој. Токму тие бранители, кои се упатија да ја бранат Македонија. На овој ден чуствуваме восхит и почит и храброст. Овие луѓе треба да бидат запишани со златни букви. Да напоменам дека од ова место треба да испратам порака дека ова не треба да се заборави, но треба да биде минато оти треба да живееме сите заедно во оваа Македонија, да градиме подобра економија каде што граѓаните ќе живеат среќно без разлика на нивната национална припадност. Би сакал како дел од Владата да кажам дека јас ќе настојувам тука да има достојно обележје, тие најмалку тоа го заслужуваат – рече Ристески.
Немилиот настан кај месноста Карпалак се случи на денешен ден во 2001 година околу 10 часот. Конвојот на АРМ беше подмолно нападнат од заседа, при што беше погодено едно транспортно возило на АРМ, во кое беа осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав на Армијата.