Home » Божиновски: Прошетка низ чаршија и ракување со луѓе пред изборите ќе има поголем ефект, отколку секој ден митинзи

Божиновски: Прошетка низ чаршија и ракување со луѓе пред изборите ќе има поголем ефект, отколку секој ден митинзи

by Журнал.мк

Собирањето на потписи на претседателските кандидати е алатка на политичкиот маркетинг, смета политичкиот аналитичар, Владимир Божиновски во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.

„Политичките партии со ова го означуваат стартот на трката која ќе трае до 24 април, односно до 8 мај. Собирањето потписи се искористи за да се започне таа предкампања, во која и едните и другите и третите постојано бомбардираа со вести кој колку потписи собрал. Тоа е во насока да се потенцира квалитетот или квалитетите и колку е нивниот кандидат добар, дека колку луѓето го поддржуваат. Не само што они ќе гласаат, туку еве се подготвени и веднаш да излезат и да се потпишат за него. Видовме редици луѓе како чекаат“, истакна Божиновски.

Со тоа, смета тој, се прави обид да се влијае на јавното мислење и на перцепцијата на јавното мислење околу моќта што ја имаат политичките партии.

„Сигурно дека имало некој кој навистина сакал да излезе и да поддржи еден кандидат. Кога видел дека треба да чека неколку часа, си се вратил дома. Претпоставувам дека има такви“, рече Божиновски.

За ефектот од собирањрето на потписи на претседателските кандидати, направи компарација со предизборните митинзи.

„Мене сè уште не ми јасно зошто во текот на изборната кампања, секој ден мора да имаме митинзи на, барем, две до три места, каде што генерално излегуваат партиските членови, партиските симпатизери. Може да се направи еден митинг на почетокот, еден митинг во средина, обично тоа е Скопје и еден митинг на крај. Зошто има потреба секој ден да се прават митинзи, кога знаеме дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ било кој ден може да направат митинг на кој ќе се соберат две, три, пет илјади поддржувачи. Партиите веднаш ќе излезат со оценка дека излегле 50.000, од другата партија ќе кажат дека биле 1.500. И тоа веќе станува дел од изборниот фолклор“, забележува Божиновски.

Она што всушност ќе биде значајно за кампањата, а, според него, честопати го забораваат политичките партии е каква понуда ќе дадат, колку ќе се верува на таа понуда и колку таа понудата, колоквијално речено, ќе можат да им ја продадат на потенцијалните гласачи.

„Тоа е што всушност е значајно во самата кампања. Сведоци сме дека и на Запад има митинзи, има собирања, но повеќе се оди на онаа непосредна кампања, на средби со граѓаните. Искрено мислам многу повеќе гласови може да освои кандидат, ако денеска треба да оди на митинг, на пример во Велес со 1.000 свои поддржувачи, да прошета низ чаршија, да се ракува со 100, 200, 300, 500 луѓе. Тоа мислам дека ќе биде мнјогу ефективно и за него и за гласовите што ќе ги добие“, смета Божиновски.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More