Home » БОШЊАЦИТЕ, СРБИТЕ И ХРВАТИТЕ ЦИВИЛИЗИРАНО ДА СЕ РАЗДЕЛАТ Додик тврди дека е готово со БиХ

БОШЊАЦИТЕ, СРБИТЕ И ХРВАТИТЕ ЦИВИЛИЗИРАНО ДА СЕ РАЗДЕЛАТ Додик тврди дека е готово со БиХ

by Журнал.мк

Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик во интервју за шпанскиот весник Ел Мундо рече дека „БиХ е пропаднат проект“ и оти најдоброто решение за земјата е „Бошњаците, Србите и Хрватите да се разделат на цивилизиран начин“.

– БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие би биле доминантен народ – рече Додик.

– Нашата политика не е насочена кон отцепување. Зборуваме за друга можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако е така, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин – додаде тој.

Тој нагласи дека Србите нема да „започнат војна за да се отцепат“, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно“. Тој посочи дека Србите „го бранат политичкиот процес“ кон постигнување на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени“.

Тој, исто така, рече дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.

– Тоа е експеримент на странци. Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Нека не остават да најдеме консензус, ако е можно – рече тој.

Додик смета дека европскиот висок претставник Кристијан Шмит, нема право да воведува закон во БиХ.

– На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе од двајца мои колеги од Претседателството заедно. А сега доаѓа тој Германец и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додик. Што се замислува, кој е тој – рече Додик.

– БиХ е неуспешен проект. БиХ се соочува со тешка криза. Оваа криза не се појави сега, таа отсекогаш била таму. БиХ е синоним за криза, заклучи Додик.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More