Дали сè уште го памтите босанскиот рапер Едо Маајка? Омилен, слушан и озборуван насекаде на Балканот, а со тоа и во Македонија. Врвот на популарноста го имаше пред десетина години, а потоа ненадејно се повлече. Тој неодамна отворено проговори за својата приватност, но и за комуникацијата со ќерка си.
– Уживам кога сум дома, кога спијам во мојот кревет. Не ги сакам хотелските кревети на кои пред мене спиеле кој знае какви идиоти. Секој од нив остава дел од својата миризба на креветот, дише во перницата, а мене ужасно ми оди на нерви сето тоа. Сакам кога ми е беспрекорно чист креветот, кога никој пред мене не спиел на него. Јас сум ти како некој хипохондрик, како семеен хрчак. Ниту сакам нешто премногу да излегувам ноќе. Кога излегувам, тоа се само свирки. Тоа ми е работа, од тоа живеам.
А, како татко, многу сум попустлив кон мојата ќеркичка. Не треба така. Јас сум дете бегалец, луѓето не беа попустливи кон мене. Сега, со ќерка ми, можеби, отидов предалеку. Треба да ја стегнам, да не збеснува. Разгалена е, но јас сум виновен. Ќеркичката често ме прашува: „Зошто те нема, тато, на телевизија?“
Избегнувам големи ТВ-настапи. Ама, е*и го! Таков сум, знам дека го имам тој проблем, кој некогаш е поизразен, а некогаш помалку – вели овој рапер, кој ветува дека наскоро ќе се врати на естрадата, на која и не беше во најдобри односи со сите колеги. Сè уште се памети онаа „плуканица“ кога сочно му возврати легендарната Тереза Кесовија, поради негови неумесни коментари упатени кон неа, во врска со нејзиното пеење. Д.М.