Home » Болниците во Охрид и Струга, останаа со неколку лекари

Болниците во Охрид и Струга, останаа со неколку лекари

by Журнал.мк

Најмалку триесеттина лекари специјалисти се потребни на болниците во Охрид и Струга. Задравствените установи во регионот се соочуваат со сериозен недостаток на лекари и друг медицински персонал. Одделот за кожни болести во охридската општа болница, набргу ќе остане само со еден доктор,а двете докторки на одделот за физикална терапија веќе требаше да заминат во пензија. На инфективното одделение кое функционира со три лекари, неможе да се оствари работа со дежурства.

„Во осум месеци колку што сум јас на оваа позиција, бројот на специјалисти ни е намален дури за 10. Имавме 67 специјалисти, а во овој момент располагаме со 57 специјалисти. Најкритична е ситуацијата, а сите го знаеме најгорливиот проблем за нашиот град е педијатрија. На урологија имаме само еден доктор специјалист, другиот доктор специјалист е на неплатен одмор со најава за заминување“,рече Горан Маркоски-директор на Општа болница Охрид.

Во Охрид недостасуваат и анестезиолози.На ова одделение секоја трета вечер еден од лекарите е дежурен. Причина за ваквата состојба Маркоски ја гледа во лошите кадровски политики, изминатите 20 години.

„ Лоша кадровска политика во однос на непуштање на специјализанти. Исто така дел од лекарите заминале во странство, заминале во приватни институции. Се надевам на што побрза реализација на проектот кој го предвидува Владата во однос на вработување на лекари специјализанти. Во нашата установа се пријавени 10 лекари специјализанти, кои ќе бидат од помош“, додаде Горан Маркоски-директор на Општа болница Охрид.
Слична е состојбата и во општа болница во Струга.Најмалку еден до двајца лекари недостасуваат на сите одделенија.Подобра е состојбата на интерно.

„Најмалку осум лекари ни требаат. И медицински сестри исто така, кои веќе ги имаме како договорени.Ни се потребни преку дваесет сестри. За нив е помал проблемот, проблемот е со лекарите што немаме доволно, а и ги нема и на список за вработување во Завод за вработување.Гледаат на поголеми центри да се вработуваат или странство да одат“, нагласи Владимир Бунчески-директор на Општа болница Струга.
Лекари фалат и во Заводот за нефрологија во Струга.

„Имаме дефицит од медицински кадар, но од Министерството за здравство ни е ветено дека ќе имаме нови вработувања и овој дефицит ќе се подобри. Имаме потреба од вработување на седум лекари, десет медицински сестри , чистачи и друг помошен персонал“, рече Јетмир Зиба-директор на Завод за нефрологија- Струга.
Дополнителен проблем е и што во сите болници добар дел од постоечките лекари се во поодминати години.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk