Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) претставува сериозно и прогресивно заболување кое значително го намалува квалитетот на животот на заболените. Оваа болест се карактеризира со потешкотии при дишењето, кашлица, и намалена способност за физичка активност, а во потешки случаи може да доведе и до животозагрозувачки компликации. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека ХОББ е третата водечка причина за смртност во светот, со милиони заболени и починати секоја година. Во светот од оваа болест, боледуваат повеќе од 400 милиони луѓе и за жал, нивниот број постојано се зголемува. Секоја година поради ХОББ умираат по 3.5 милиони луѓе, а преваленцијата и морталитетот се најголеми во неразвиените земји.
Во Македонија, според достапните статистики, илјадници лица страдаат од ова заболување, а бројот е во постојан пораст. Главен ризик фактор за ХОББ е пушењето, но во земји како нашата, каде што проблемот со загадениот воздух е хроничен, аерозагадувањето станува значаен фактор за развој и влошување на оваа болест.
Особено е алармантна состојбата во Скопје, кое деновиве се рангира како најзагаден град во Европа, и постојано е во врвот на листите. Пулмолозите предупредуваат дека високото ниво на ПМ-честички не само што ја влошува состојбата кај веќе заболените, туку и го зголемува ризикот за развој на ХОББ кај ранливите групи, како што се децата и постарите лица.
Загадениот воздух и пушењето – главни причинители за ХОББ
Хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ) не само што ја ограничува способноста за дишење на пациентите, туку претставува и сериозен товар за здравствениот систем, економијата и животниот стил на заболениот и неговото семејство.
Д-р Деска Димитриевска, претседателка на Македонското респираторно здружение, истакна дека симптомите на ХОББ често се занемаруваат или неправилно се толкуваат. „Симптоми на болеста се отежнато дишење, кашлица, и луѓето често се навикнуваат на нив. Многу доцна се бара медицинска помош, бидејќи симптомите обично се препишуваат на пушење, загаден воздух или изложеност на други штетни фактори,“ објасни Димитриевска.
Таа нагласи дека секоја кашлица не треба да се потценува, туку навремено да се бара стручна помош. „Многу е важно болеста да биде дијагностицирана рано. Раната дијагноза овозможува подобро управување со состојбата и значително го подобрува квалитетот на животот на пациентите,“ додаде таа.
Покрај здравствените предизвици, болеста остава трајни последици врз социјалниот и економскиот аспект на животот. „ХОББ претставува огромен товар за здравствениот систем, но и за семејните буџети. Често, членовите на семејството мора да отсуствуваат од работа за да се грижат за заболените,“ беше истакнато на настанот.
Д-р Јагода Стојковиќ посочи дека пушењето останува главен ризичен фактор за развој на болеста. „Деведесет и пет отсто од пациентите со ХОББ се пушачи,“ нагласи таа. Но, проблемот не застанува тука. „Воздухот, особено во нашиот град, е загаден преку целата година. Ситуацијата станува драматична за време на зимските месеци, што значително ги влошува состојбите кај пациентите со ХОББ,“ истакна д-р Стојковиќ.
Таа објасни дека актуелното загадување во Скопје, кое се најде на врвот на светските листи за загаденост, веќе го зголемило бројот на пациенти во амбулантите.
„Имаме значително повеќе пациенти деновиве, што е директна последица од високото ниво на ПМ-честичките во воздухот,“ потсети таа.
Д-р Оливер Зафировски ја потенцира сериозната закана од ПМ 2,5 честичките, кои директно навлегуваат во крвотокот, предизвикувајќи широк спектар на здравствени проблеми. „Овие микроскопски честички се толку мали што лесно го минуваат белодробниот систем и влегуваат во циркулаторниот систем. Ефектите се катастрофални – од воспалителни процеси до зголемен ризик од најтешки заболувања, како што е ракот“ објасни д-р Зафировски.
Тој предупредува дека најранливите се најмладите. „Секое шесто до седмо новородено дете ќе има белодробно заболување како последица на аерозагадувањето,“ истакна тој, нагласувајќи дека оваа состојба е алармантна.
Загадувањето не само што ги зголемува случаите на хронични белодробни заболувања, туку и влијае врз развојот на многу други сериозни состојби. „Отровниот воздух што го дишат граѓаните ќе доведе до зголемување на бројот на заболени од рак, аутизам и деменција,“ додаде тој.
Она што дополнително загрижува е трендот на намалување на годините кога се јавуваат овие заболувања. „Гледаме како границите за појава на сериозни болести значително се поместуваат кон помладите генерации, што е директна последица на долгогодишната изложеност на токсичен воздух,“ предупредува д-р Зафировски.
Пулмолозите апелираат граѓаните да носат заштитни маски или шалови кога се на отворено и да избегнуваат физички активности во најзагадените периоди од денот, особено ранливите категории, како што се децата, постарите лица и хронично болните.