Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска рече дека со домашна и меѓународна помош се работи на надминување на проблемот со хакерскиот напад во АД МЕПСО со цел да се врати во функција тековното работење на операторот на електропреносниот систем.
Тој рече дека најважно е тоа што критичната инфраструктура е заштитена и што непречено се одвива снабдувањето со електрична енергија кон граѓаните и компаниите.
Ваквите сајбер напади, како што рече, не се нови и се случуваат и во другите држави од регионот.
– Информирани се сите домашни и меѓународни институции и се работи и со домашна и со меѓународна поддршка во делот на надминување на сите овие прашања со цел комплетно да се врати во функција тековното и редовно работење на компанијата, рече Бочварски.
МЕПСО неколку дена е под сајбер напад и не може да ги доставува потребните информации до учесниците во размената и производство на струја. Како што соопшти вчера прес-тимот на МЕПСО, целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени. Од МЕПСО истакнуваат дека критичната електронегетска инфраструктира не е предмет на нападот, безбедна е и целосно функционална.
– Во услови кога целиот свет се соочува со негативен глобален тренд на кибер напади и нашата компанија не остана имуна на тоа. Иако АД МЕПСО ги има превземено сите мерки за заштита од кибер напади од највисок степен сепак деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем ја информираме јавноста дека крититичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој кибер напад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени, наведува МЕПСО во соопштение.