Жителите на улицата Народни Херои во скопската општина Кисела Вода излегоа на мирен протест, во сабота, 16 ноември 2024 година, во 12 часот, на крстосницата меѓу улиците Народни Херои и Борис Трајковски.
Причина за протестот, се нерешените инфраструктурни проблеми и законските прекршувања од страна на околните градилишта, кои, според
жителите, значително ја загрозуваат безбедноста на пешаците и гo отежнуваат пристапот до нивните домови.
„Се крши законот за безбедност во сообраќајот (член 26), при што камионите од блиското градилиште ја посипуваат улицата со земја и кал, создавајќи опасност за пешаците и возилата на единствената пристапна улица, која е без тротоар. Се крши и Законот за градење (член 83),
бидејќи околните градилишта остануваат незаградени, а тоа претставува дополнителна опасност за жителите и минувачите. Најавено ни е
блокирање на пристапот до нашите домови поради ископ на канал, па ние, станарите од зградата број 18, нема да можеме да пристапиме со возила до нашите домови, што е посебно загрижувачки за пристапот на возила на брза помош, противпожарни возила и јавна хигиена“, посочуваат граѓаните во најавата.
Градоначалникот и градежниот инспектор, додаваат тие, се запознаени со овие проблеми и постојните законски прекршувања, но преземените мерки и ветувањата за подобрување на безбедноста на улицата сѐ уште остануваат само на зборови.