Сè започнало со еден твит, објава во која Ненад Милановиќ, српски бизнисмен во САД, соопштил дека издвоил два милиони динари (околу 17.000 евра) за помош на студентите кои протестираат во неговата родна земја. Стартап-претприемачот, поточно неговата компанија „Cake.com“ во Америка, веднаш потоа станала цел на хакерски напади, кои траеле неколку дена.
„Па, овој тип на напад е напад кој обично физички доаѓа од трети земји како Кина, Русија, Северна Кореја и Филипините, или земји со помала пенетрација на владеењето на правото, каде што е полесно да се извлечеш од вакви работи“, вели Милановиќ на „Њузнајт“ на телевизијата „Н1“.
„Во суштина, тоа е многу примитивен напад кој служи за оневозможување на легитимните корисници кои се обидуваат да пристапат до веб-локација со испраќање милиони барања кои не се легитимни, преоптоварувајќи ги серверите за корисниците да не можат да ја вратат содржината“, додаде тој.
Милановиќ вели дека имаат системи за спречување на такви напади и дека тоа не им нанело никаква штета, но сепак е казниво според американскиот закон.
Бизнисменот рече дека „постојано размислува за српскиот народ и Србија“ и додаде дека често ги следи дневно-политичките случувања во Србија, за разлика од голем број луѓе од дијаспората.
„Она што го договорив со другите колеги и сонародници во Америка е дека ќе преземеме организиран политички одговор“, рече тој.
Тој изјави и дека се надева оти српските студенти нема да се откажат од своите барања.