Home » Битола по речиси два века ќе добие нов противпожарен дом

Битола по речиси два века ќе добие нов противпожарен дом

by Журнал.мк

На 20 мај 1836 година, со акт на румелискиот валија, за време на владеењето на турскиот султан Махмуд Трети, беше формирана противпожарната единица на Битола

Битолската пожарна, која на почетокот имала само една водна пумпа за гаснење пожари, опфаќала 15 вработени пожарникари, од кои еден бил шеф или хаџи, како што го викале тогаш, и 14 Македонци, луѓе од рајата.

Територијалната противпожарна единица во Битола е најстара не само во Македонија туку и на Балканот.

Од времето на востановувањето на првата противпожарна единица во градот Битола, на 20.5.1836 година, изминаа повеќе од 188 години. А работите низ тие два века, барем оние што се однесуваат за начинот и желбата за гаснење пожари и да им се помогне на битолчани кога се во неволја, не се променети.
Сега, по речиси два века, наскоро, Битола ќе добие нова противпожарна единица, која ќе се наоѓа во старата битолска касарна.
– Во стариот објект, на булеварот 1 Мај, условите за работа се тешки, а амбиентот оставен од турско. Тешки се условите во кои работиме веќе со децении. Тешко се исполнуваат стандардите за професионално работење на пожарникарите. Има многу недостатоци, немаме место за вежбање, санитарниот јазол е во хаотична состојба, објектот се распаѓа, цел мебел е стар од деведесеттите години. Во битолската пожарна работам 34 години. Затоа со големо нетрпение го очекувам тој момент. Се надевам дека ќе успеам да влезам во тој објект, кој ќе ни биде од исклучителна важност, зашто е на доста добра локација, која ќе ни овозможи градот да ни биде на располагање и да тргнеме кон сите три страни: кон исток, запад или кон центар на градот. Пристапот е добро осмислен и местоположбата е добра, што значи ќе го имаме градот како на дланка, полесно за стигнување и интервенирање и кон центарот, и кон Буковски дел и Брусничка Населба, оти имаме и нова инфраструктура околу касарната. Новиот противпожарен дом ќе ги има сите потребни елементи за правилно функционирање со нов диспечерски центар – вели заменик-командирот Горан Димкоски.
Добрата локација на новиот противпожарен дом најмногу ги радува пожарникарите во битолската противпожарна единица, бидејќи во старата пожарна, која се наоѓа над општинската зграда, покрај ограничените можности и еднонасочно регулираниот сообраќај, токму влезот и излезот на возилата беше најголем проблем за битолските пожарникари, бидејќи возилата поради сообраќајните знаци мораа да прават голем круг за да излезат од пожарната.
Градоначалникот Коњановски, деновиве, за време на одбележувањето на празникот на пожарникарите истакна дека изградбата на нов противпожарен дом во Битола бил еден од најприоритетните проекти за сегашната локална самоуправа.
Славиме исклучителен јубилеј, 188 години од првата противпожарна единица на Балканот, формирана во 1836 година во Битола. Тоа е голем јубилеј, не само за пожарникарите туку и за Битола.

– Ова е многу значајна институција, во која ние навистина сакаме да дадеме придонес, но и да ги подобриме условите за нивното работење. Во таа насока, покрај повеќегодишните напори да се направи нешто во тој однос, за подобрување на стандардот и условите во кои работат пожарникарите, кои се наши херои, оваа година, веќе отпочнавме со работите на терен за изградба на новата зграда на ТППЕ-Битола. Наскоро Битола ќе добие нов објект, на површина од 1.600 квадратни метри, во вредност од над 52.000.000 денари. Новиот објект ќе ги исполнува современите стандарди за ваква градба и во согласност со проектната документација предвидува 1.600 квадратни метри новоизградена површина. Објектот ќе има приземје, кат, гаража и простор за седум противпожарни возила. Објектот ќе биде во согласност со современите стандарди, правила и прописи за непречено функционирање на противпожарната единица, која ги покрива општините Битола, Новаци и Могила, а пожарникарите од најстарата противпожарна единица на Балканот конечно ќе добијат услови за работа какви што навистина заслужуваат. Активностите веќе се започнати и до крајот на годината објектот треба да биде завршен до карабина, а во втората фаза за внатрешно уредување, со доволно простор и услови за она што тие го заслужуваат, за овој стар објект во центарот на Битола да добие адекватна замена и нова локација во нов објект во поранешната касарна. Од друга страна, заедно со општините Новаци и Могила правиме сѐ и во делот на опремувањето со нова опрема, нови костими, следејќи ги новите стандарди, имаме доволно возила и правиме сѐ што е во нашите можности за да овозможиме достојни услови за работа.
Инаку, во битолската пожарна моментно се вработени 41 пожарникар, иако по правилникот единицата треба да има 65 пожарникари, односно еден пожарникар на 1.500 жители.
Но од локалната самоуправа ветуваат дека во скоро време и тој проблем ќе биде решен.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More