Општина Битола се вклучи во меѓународниот проект „WATERVILL“, насочен кон подобрување на водоснабдувањето во руралните и планинските подрачја и справување со недостигот на вода, особено во услови на климатски промени.

Според податоците на општината, загубите на вода во системот достигнуваат околу 51%, што значително ја намалува ефикасноста на водоснабдувањето. Дополнителен проблем е нискиот притисок во населбите на повисока надморска височина, каде жителите имаат отежнат пристап до вода за пиење.
Проектот е финансиран преку Петтиот повик на програмата Интерег Еуро-Мед, а Општина Битола ќе работи заедно со јавното претпријатие „Водовод“ и локалната заедница на тестирање на иновативни решенија за управување со руралните водоводни системи.
Фокусот ќе биде ставен на:
модернизација на инфраструктурата,
намалување на загубите на вода,
подобрување на мониторингот и управувањето со водните ресурси.
Водечки партнер во проектот е Општина Жабљак од Црна Гора, а меѓу партнерите се и НАЛАС, здруженија на општини од регионот, универзитети од Загреб, Грција и Шпанија, како и ЗЕЛС.
Од општината посочуваат дека прашањето со водата веќе е интегрирано во клучните стратешки документи, како Локалниот еколошки акционен план и Стратегијата за локален економски развој.
Целта на „WATERVILL“ е да обезбеди сигурен и одржлив пристап до вода за руралните заедници, преку паметни и климатски отпорни решенија, како и преку регионална соработка и вклучување на граѓаните во управувањето со водните ресурси.
Проектот официјално започна на 4 и 5 февруари со почетен состанок во организација на Универзитетот во Загреб, на кој Општина Битола учествуваше онлајн заедно со сите партнери.
Со ова, Битола прави чекор кон системско решавање на проблемите со водоснабдувањето во селата и подобрување на квалитетот на живот во руралните средини.








