Home » Битиќи: Зошто Владата ја занемарува правичноста во зголемувањето на платите?

Битиќи: Зошто Владата ја занемарува правичноста во зголемувањето на платите?

by Журнал.мк

Владата да обезбеди правичност и системски пристап во зголемувањето на платите на работниците, порача пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, поставувајќи пратеничко прашање до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Посочувајќи на контрадикциите во предложениот Буџет за 2025 година, Битиќи истакна дека бруто платите за 359 вработени во Владата се предвидени да се зголемат за речиси 54%, од 90.488 денари на 137.226 денари, со нето просечни плати кои ќе достигнат 90.000 денари. За вработените во новоформираното Министерство за енергетика, се предвидува просечна нето плата од 105.000 денари.

„СДСМ и идеолошки а и принципиелно секогаш е за зголемување на платите и го поздравува секое унапредување на правата на работниците и работничките – но не’ зачудува тоа што за вработените во Собранието е предвидено е намалување на платите, што дополнително отвора прашања за принципите на правичност и усогласеност при планирањето на буџетот“, рече Битиќи

Битиќи истакна дека за јавноста е клучно да разбере како Владата ги дефинира приоритетите при планирањето на буџетот и кој е принципот што води до овие големи разлики во пристапот кон различни категории на вработени. Притоа тој потсети дека Владата го отфрли предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе овозможеше подобрување на животниот стандард на над 22.000 работници.

„Кои се принципите што ги следите во распределбата на јавните средства и планирањето на платите? Како се осигурува правичноста и транспарентноста при дефинирањето на приоритетите, особено кога гледаме големи разлики помеѓу различните сектори? Како Владата планира да обезбеди системски мерки кои ќе го подобрат стандардот на сите граѓани, а не само на одредени категории во јавниот сектор?

И чуму ваков, ад-хок пристап на зголемување на платите на неколку институции, наместо изнаоѓање на системско решение“, праша пратеникот Битиќи и појасни дека како пример треба да се земе Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој минатата година заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија се поставија основите за просечната плата да биде „коефициентот 1“ за платите во јавниот сектор од јануари 2025-та година.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk