Home » Битиќи: Владата не презема ништо за високите цени иако има механизми

Битиќи: Владата не презема ништо за високите цени иако има механизми

by Журнал.мк

Владата има на располагање конкретни механизми за борба со високите цени, но не презема ништо, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во емисијата „360 степени“.

„Во далеку посложени услови и со повисока инфлација, ние направивме максимум што можеше да се направи со различен сет на мерки. Денес Владата има уште полесни услови и две алатки во рака – а не ги користи,“ истакна Битиќи.

Како клучен неискористен инструмент го посочи Законот за нефер трговски практики, кој според него, требало веќе одамна да биде во примена.

„Комисијата за заштита на конкуренција требаше да има капацитет и да постапува. Имаше дојави за картелско здружување и ништо не се случи. Потребна е примена на законите “, рече Битиќи.
Тој додаде дека нема никаква разрешница, иако законот предвидува високи казни, а моралните повици не функционираат никаде во светот.

Во однос на високите цени на храната, тој изрази сомнеж во оправданоста на поскапувањата.

„Не може, ако е увезен производ, неговата цена во соседството да биде три пати пониска од кај нас. Увозната и малопродажната цена кај нас се со огромна маржа“, рече Битиќи.

Пратеникот од СДСМ нагласи дека Владата има одговорност да реагира.

„Тука е Владата да интервенира преку Државниот пазарен инспекторат и преку мерки кои можеби не се идеални според логиката на пазарната економија, но во одредени ситуации се нужни“, рече Битиќи.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk