Најдобриот стрелец во Бундес-лигата и играчот на Ајнтрахт Франкфурт, Омар Мармуш, сака да се приклучи на Ливерпул, тврди „Билд“. Според изданието, двата клуба веќе водат преговори за трансферот, при што најверојатно „орлите“ ќе побараат околу 50 милиони фунти за Египќанецот.
Сигурно е дека Мармуш нема да го напушти Ајнтрахт во јануари, но неговата желба е да прејде во поголем клуб летово, при што Ливерпул е првиот избор според „Билд“.
Сезоната започна одлично за Египќанецот, кој има 14 голови и 10 асистенции во 16 натпревари во сите натпреварувања. Единаесет од тие голови се во Бундес-лигата, со што Мармуш го дели првото место во листата на стрелците со Хари Кејн.
Од почетокот на оваа сезона, Арне Слот ги користеше Диого Жота и Дарвин Нуњез како централни напаѓачи. Сепак, Жота повторно е повреден, поради што против Баер Леверкузен како „деветка“ започна Луис Дијаз, кој постигна хет-трик на тој натпревар. Коди Гакпо исто така конкурира за таа позиција во нападот, иако е крилен напаѓач.