Home » БИД назначи поранешен директор на Фиат Крајслер за стручен советник

БИД назначи поранешен директор на Фиат Крајслер за стручен советник

by Lina Muslija

БИД го ангажира Алфредо Алтавила, поранешен директор на Фиат Крајслер Аутомобилс во Европа, како специјален советник за европскиот пазар, додека кинескиот производител презема чекори за проширување на своето присуство во Европа.

БИД е воедно соперник на Тесла за освојување на титулата на најголем производител на електрични автомобили во светот. Кинезите се обидуваат да направат силен пробив во Европа, со збогатување на својата понуда од електрични модели и со изградба на фабрики во Унгарија и Турција.

Новите царини на ЕУ за електрични возила што се произведени во Кина сепак ги усложнија плановите на БИД, исто како и забавената побарувачка за електрични автомобили. Со фабриките во Европа, кинескиот производител ќе може да ги избегне дополнителните царини, коишто се состојат од казнена царина во висина од 17 проценти и редовна царина во висина од 10 проценти, којашто од претходно е на важност.

Во понудата од модели на БИД се вклучува и изведбата со приклучен хибриден погон од СУВ-моделот Сил У, за којашто нема да се плаќаат дополнителни царини.

Европската продажба на БИД се зголеми значително во изминатите две години. Во јули, таа беше 30-та најпродавана марка во Европа, за 18 места повисоко од јули 2023. Годинава продажбата порасна за 331 проценти, од 4.929 возила лани, на 21.261 возила. Таа е втора најпродавана кинеска марка во Европа, меѓутоа заостанува далеку зад лидерот МГ, којшто до јули има продадено преку 148.000 возила.

БИД има амбициозни планови за Европа. Во почетокот на годинава, извршниот директор за Европа, Мајкл Шу, изјави во интервју дека очекува да освои 5 проценти од пазарот на ЕВ во Европа, пред да отпочне со работа фабриката во Унгарија. Тоа би соодветствувало на околу 70.000 електрични возила годишно.

Алтавила ќе биде клучен дел од тој план, соопшти заменичката на извршниот директор Стела Ли.

„Вклучувањето на Алфредо Алтавила во европскиот тим ќе биде клучен чекор од нашата стратегија за зголемување и зацврстување на присуството на БИД на овој важен пазар“, изјави директорката.

Алтавила стапува на новата должност на 2-ри септември.

Родум од Таранто, Италија, Алтавила имаше бројни менаџерски позиции во Фиат. Тоа вклучува позиција на извршен директор во производителот на камиони Ивеко, одговорен менаџер за соработката на Фиат со Џенерал Моторс и извршен директор на Тофаш, заедничка инвестиција на Фиат во Турција. ВО 2012 година, тој стана оперативен директор за Европа, Азија и Средниот Исток (ЕМЕА) и беше главен помошник на извршниот директор на Фиат Крајслер, Серџо Маркионе.

По смртта на Маркионе во 2018 година, Алтавила си замина од компанијата, откако извршниот директор за Џип и РАМ, Мајк Манли, беше именуван за нов шеф на ФЦА. Манли има главна заслуга за спојувањето на Фиат Крајслер со ПСА Групацијата и создавањето на концернот Стелантис.

По заминувањето од Фиат Крајслер, Алтавила беше на разни позиции во управни одбори и како советник, вклучувајќи и функција на директор во Телеком Италија. Во 2021 година, владата го постави за извршен претседател на ИТА Ервејс, наследничка на финансиски руинираната Алиталиа.

Неговото сегашно раотно место е виш советник во ЦВЦ капитал Партнерс во Европа и место во одборот на директори во Енерпак Тул Груп, МСИкс, Амбиента СГР и Прома Груп. Тој дополнително е член во инвестицискиот одбор на Васуки, фондација за технологија што е спонзорирана од Ротшилд.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More