Во Белата куќа велат дека претседателот на САД ја завршил непосредната закана од иранската нуклеарна програма. Од администрацијата велат дека Трамп сака мир и дека американските претставници се во комуникација со иранските лидери.
„По команда на претседателот Трамп, најмоќната војска во историјата на светот изврши масовни прецизни напади врз три од клучните нуклеарни објекти на иранскиот режим. Целта на операцијата „Полноќен чекан“ беше да се уништи капацитетот за нуклеарно збогатување на режимот и да се запре сериозната нуклеарна закана што претставува за САД, Израел и остатокот од светот“, изјави Каролин Ливит – портпаролка на Белата куќа.
Врховниот лидер на Иран вели дека САД немаат никакви достигнувања од нападите врз нивните нуклеарни постројки. Во своето прво јавно обраќање откако во вторник беше договорено примирје со Израел, Ајатолахот Али Хамнеи ја опиша одмаздата врз американската воздухопловна база во Катар како тежок удар.