Бејби бум во Охрид. На првиот ден од Новата година се слушна плачот на пет новороденчиња. Ова се случува за прв пат во поновата историја на градот, кој со години бележи намален наталитет.
Првото бебе од 2024 година е машко, а по него се родени три девојчиња и уште едно момче. Се верува дека годинава ќе биде плодна и просперитетна.
„Благодариме на дежурниот тим кој цела ноќ неуморно работеше и ни донесе здрави бебенца. Оваа година ќе се потрудиме во нашето одделение да воведеме и нови интервенции а ќе бидеме засилени и со уште двајца специјалисти кои ни доаѓаат од специјализација“, истакна д-р Катерина Попоска раководител на гинеколошкото одделение.
Дежурниот гинеколог д-р Горан Маркоски со целиот тим на гинеколошкото одделение на Новогодишната ноќ имаа полни раце работа.
„Првиот ден од Новата година ни донесе пет новородени бебиња од кои три женски две момчиња. Три се породени со царски рез, а две природно спонтано. Верувам дека овој почеток на Новата година ќе донесе бериќет за целиот наш град“, изјави д-р Горан Маркоски дежурниот гинеколог.
„Благодарност до целиот тим на гинекологија честитки до мајките на новороденчињата. Се надевам дека ќе имаме бериќетна година, а тоа го навестува првиот ден од Новата година“, изјави д-р Асен Шајн директор на болницата.
И родилките и новороденчињата се во одлична здравствена состојба. Вчера на последниот ден од 2023 се родија три бебиња, а изминатава година Охрид ја заокружи со 503 новороденчиња.