Ќе видиме како ќе одат преговорите, банките не се должни тоа да го направат согласно законската регулатива, меѓутоа кога се разговара со нив, мора мерките да се дизајнираат, а тоа го кажува и Светска банка и ММФ и Европската комисија, врз пазарна основа – вели Фатмир Бесими во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Актуелни се преговорите на Владата со комерцијалните банки во врска со пласманот на дел од унгарскиот заем како кредити за компаниите. Притоа, премиерот Христијан Мицкоски извесен период апелира на општествена одговорност на банките со очекување тие да преземат дел од трошокот или да се откажат од дел од заработувачката при пласманот и адмнистрирањето на тие кредити. Што мислите вие – во право ли е премиерот кога очекува таков однос од банките?
Видете, пристапот да се комуницира со банките мислам дека е очекуван и во конкретниот случај мислам дека Министерството за финансии постојано има преговори – дали тоа се благајнички записи, дали, на пример, кога имавме граѓанска обврзница седнавме со банките зашто за таа обврзница прво имаше реакции од банките, затоа што граѓаните наместо да ги депонираат своите заштеди во депозити во банки имаше друга опција, друг инструмент, меѓутоа со разговори со банките стигнавме до нешто. Го прифатија и го поддржаа и тоа имаше позитивен импакт бидејќи потоа банките ги подигнаа и каматите на депозитите на граѓаните, меѓутоа тоа беше мал процент од вкупните депозити. Меѓутоа, во конкретниот случај е различна позицијата на Владата, односно премиер и министер за финансии во однос на банките визави кога се дискутира со бизнис-заедницата или со стопанските комори затоа што тука регулатор е Народната банка. Значи и политиките во однос на банките ги регулира Народна банка. Во однос на комуникацијата, тука е Владата која обезбедува одредено финансирање и сака тоа да го постигне преку помали трошоци, меѓутоа помали трошоци врз буџетот за по иста каматна стапка да се стигне кај стопанството. Банките во овој случај, оние кои работат според нивните принципи имаат одредени правила – прво, пазарните принципи за профитабилност, рентабилност и ликвидност. Тоа им е приоритет и другите правила и регулатива што им ги наметнува Народната банка.
Премиерот им вели – но, вие имате големи профити, па дајте, покажете малку општествена одговорност за да му се врати на општеството.
Бесими: Ќе видиме како ќе одат преговорите, банките не се должни тоа да го направат согласно законската регулатива, меѓутоа кога се разговара со нив, мора мерките да се дизајнираат, а тоа го кажува и Светска банка и ММФ и Европската комисија, врз пазарна основа, што значи за да бидат мерките или политиките на Владата одржливи, тие треба да се дизајнират на начин што одговара на пазарните законитости со тоа што со банките може да се договорите еднаш – еве да кажеме ќе покажат волја поради некои причини… Но, тоа е пазарно неодржливо, банките сега можат да ги остават нивните депозити во Нардона банка со 4,3% и во благајнички записи за 5,8%.
Па, зошто би давале поевтини кредити некому кога имаат шанса парите да ги пласираат со поголема камата…
Бесими: Нивната цел е остварување профит и, секако, зголемување на пазарот подоцна и остварување на дивиденда за своите сопственици и така натаму. Меѓутоа, главната нивна улога, ако гледаме од макроекономски аспект, е посредувањето за финансирање на растот и економијата. Кај нас, во моментот, ако депозитите се 63% или вкупната банкарска актива е 87% од бруто-домашниот производ, кредити се некаде 54%, што значи дека имаат простор, има соодветна ликвидност кај банкарскиот систем кај нас, односно имаат простор да финансираат.