Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и Генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, вчера во Брисел, Белгија, учествуваше на министерската конференција за здравје на животните – „Биосигурност и вакцинација основни алатки за превенција, контрола и ерадикација на болестите кај животните“. Конференцијата е организирана под Белгиското претседателство со Советот на Европската унија и на неа беше истакната важноста на превентивниот пристап заснован на биосигурноста и вакцинацијата како примарни алатки во борбата против болестите кај животните.
Висок претставник од Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) ја презентираше моменталната состојба во Европа со болеста африканска чума кај свињите, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и ерадикација.
На министерската конференција со која претседаваа Дејвид Кларинвал, вицепремиер и белгиски сојузен министер за земјоделство и Стела Киријакидес, европски комесар за здравје и безбедност на храна, учество зедоа високи претставници од Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), министри за земјоделство од неколку европски држави и претставници од ветеринарните служби од Европа, Канада и Јапонија.
Како Генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, директорот на АХВ вчера вечер под Белгиското претседателство со Советот на ЕУ како домаќин, учествуваше и на свечениот настан за одбележување на 100-годишнината од основањето на Светската организација за здравје на животните (WOAH). На свеченоста нагласена беше клучната улога на WOAH во борбата против болестите кај животните, подобрување на нивното здравје на глобално ниво како основа за градење на побезбеден и поздрав свет за сите.