Динамо Загреб се прикажа во квалитетно светло во пресметката со Монако на која ја имаше победата в џеб со оглед на тоа што водеше со 2-0 до 74 минута, но завршницата им припадна на гостите кои со два погодоци на крајот се изборија за бод на „Максимир“.
Хрватскиот шампион беше компетитивен и тоа беше најважно по оној дебакл од Баерн Минхен во претходната рунда, а меѓу оние кои најмногу се истакнаа беше младиот Мартин Батурина кој беше и прогласен за играч на натпреварот.
Мартин постигна гол и уште еднаш потврди дека се работи за играч пред кого е светла иднина.
-Неговиот квалитет е неспорен, дебитираше за хрватската репрезентација, денеска беше на многу високо ниво. Колку вреди, колку некој ќе плати за него. Сигурно нема да биде под 20 милиони. Денеска имавме поскапи играчи во Монако, па не играа на неговото ниво.
-Нашиот проблем е што игра во хрватската лига, ако играше во Бенфика или Порто ќе вредеше меѓу 80 и 120 милиони евра, -истакна тренерот на Динамо, Ненад Бјелица.