Собранието со 65 гласа го избра Азир Алиу за нов министер за здравство, што е негов втор мандат како министер. Против гласаа 15 пратеници. Тој во владата на Димитар Ковачевски беше министер за информатичко општество и дигитализација, а сега во ресорот здравство доаѓа на местото на Арбен Таравари, кој со дел од Алијанса за Албанците ја напушти Владата на премиерот Христијан Мицкоски и замина во опозиција. Изборот на Алиу е и прва смена во кабинетот на Мицкоски една година по формирањето на Владата.
Скендер Реџепи од Европскиот фронт ја критикуваше Владата дека Албанците ги третираат како кираџии и дека пристапот на Владата кон меѓуетнички односи, вклучително и здравството, е дел од агендата на ВМРО-ДПМНЕ – да ги отпушта Албанците од работа.
Амар Мециновиќ од Левица му порача на новиот министер дека влегува во најрасипничката Влада што само за една година се задолжила со 7 милијарди евра, во Влада што владее авторитарно и како концесионер. Миле Талевски од СДСМ оцени дека ситуацијата во сите сегменти во општеството е катастрофална.
– Може ќе имаше надеж ако Алиу го биравте за министер за дигитализација. Човекот нема врска со здравството и вие за да го оправдате, сега дигитализацијата ви е најбитна во здравството. Наместо да давате несоодветни предлози за министер за здравство, премиере, одете во Кочани и кажете им на родителите и на повредените дека не треба да се грижат и дека приоритет ви е дигитализација. Алиу нема поим колку болници има во државата, дали има лекови – рече Талески.