Многу предизвици успеавме да надминеме, уште многу се пред нас. Какви се очекувањата за 2022 година на едни од најуспешните луѓе во земјава, прашувавме во деновите кога истекуваше 2021 година. Бранко Азески е претседател на Стопанската комора на Македонија и во своите очекувања вели дека по две години сериозна светска здравствено-економска криза, од последниве месеци и енергетска, а по локалните избори во државата и политичка криза очекувањата се само – да преживееме…
„Економската кризата во која земјата е од 2008 година со континуирано продлабочување на проблемите и испливување на површина на системските слабости и со сите други проблеми кои ги имаме во нашето работење, сето тоа зборува за крајна внимателност на овој процес. Бизнисот констатира дека е клучно да се работи на намалување на трошоците, зголемување на приходите, раст на продуктивноста, и поддршка на извозната активност на македонското стопанство.
Да се биде во чекор со промените несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски капацитети, за да се одговори на барањата и на потребите на компаниите членки, кои од ден на ден се менуваат, во зависност од нивните приоритети и од моменталните барања на пазарот.
Прво, традиционални коморски активности, второ, комората како консултант и трето комората како линк помеѓу образованието и бизнисот. Тоа е концепт кој подразбира целосна дигитализација на работењето, концепт на доживотно учење на раководните кадри во компаниите и на сервисот кој што е во рамки на стручната служба на Комората. Иако пандемијата малку го забави процесот тој сепак се движи и тоа што требаше да се случи 2020 та година се случува деновиве, вели Азески.