Home » Ауди Ку-5: Нов лик за најпродаваниот модел на Инголштат

Ауди Ку-5: Нов лик за најпродаваниот модел на Инголштат

by Lina Muslija

Ауди има нова генерација на Ку-5, најпродаваниот модел на марката со четирите прстени. Нови модели на Ауди се исфрлуваат забрзано на пазарот, откако заврши долгото чекање за новата и ветувачка платформа. Со тоа продолжува ловот по БМВ и Мерцедес-Бенц, што започна пред кусо време, со новите Ку-6 и А5.

Извршниот директор Герно Делнер вели дека лансирањето на Ку-5 „претставува следниот важен чекор во подмладувањето на нашата моделска понуда“, стои во соопштението од Инголштат.

Третата генерација на СУВ-моделот од средна класа е втор модел на Ауди што е конструиран врз целосно новата архитектура Премиум Платрформ Комбашч’н (ППЦ, платформа наменета за премиум модели со мотори со внатрешно согорување). Прв со новата платформа пред кусо време стартуваше А5, лимузината од средна класа, заменичка на А4.

Ку-5 е еден од 20-те нови модели на Ауди што се планирани да бидат пуштени во продажба во 2024 и 2025 година. Тоа ја вклучува и новата А6, со електричен погон, во лимузинска и комби изведба. Кон завршетокот на годината ќе биде претставена и новата генерација на компактниот СУВ-модел Ку-3.

Фабричко видео од новиот Ауди Ку-5 во возење

Ку-5 е најпродаван модел на Ауди во 2023 година, со 331.928 примероци, од вкупно 1,9 милион возила што марката од Инголштат испорача на светскиот пазар, односно со учество од приближно дваесетина проценти.

Производството на Ку-5 и натаму ќе се одвива во фабриката на Ауди во Сан Хозе Чиапа, Мексико. Фабриката беше избрана поради близината до границата со САД, коишто се најголемиот пазар за Ку-5. Лани половината од вкупната продажба на Ауди таму ја постигна само Ку-5.

 

Ауди во Кина ја произведува изведбата на тековната генерација на Ку-5 со продолжено меѓуоскино растојание.

Во Европа, Ку-5 беше петти најпродаван СУВ-модел од средна класа од премиум марка, во првите седум месеци. До јули се продадени 19.352 возила, што е за 26 процент под ланскиот резултат, покажуваат податоците на Датафорс. Друг модел на Ауди го престигна Ку-5, тоа е електричниот Ку-4, на четвртото место.

Германците ќе го продаваат Ку-5 во Европа со избор од три мотори со внатрешно согорување. Сите се изведени како благ хибрид, со 48-волтен стартер генератор.

Основна погонска изведба е турбо дволитарец со 204 КС, со цена од 52.300 евра на германскиот пазар, со погон напред. Постои и изведба со погон на сите тркала. Новиот модел уште е во хомологација, така што Ауди не ги соопштува вредностите на потрошувачката.

Дизелот со 204 КС почнува од 57.100 евра и доаѓа исклучиво со погон на сите тркала кватро. Врвниот модел со спортски перформанси С-Ку-5, со трилитарски Ве-6 со турбонатполнење и 367 КС почнува од 82.900 евра.

Нарачките за германските купувачи почнуваат уште во септември, за возилата да почнат да се испорачуваат во првото тромесечје од 2025 година.

Фабричко видео од новиот Ауди С-Ку-5 во возење, 5 минути динамични сцени

Стартер-генераторот на Ку-5 краткотрајно испорачува моќност од 24 КС како помош за бензинецот, црпејќи енергија од батерија со хемија ЛФП (литиум железо фосфат, пониска цена од класична) со капацитет од 1,7 кВч.

Изведбите со приклучен хибриден погон ќе бидат пуштени во продажба подоцна, најави Ауди. Засега нема подробни податоци околу погонот, Ауди единствено наведе дека приклучниот хибрид што е сличен со А5 ќе постигнува досег од 100 километри.

Нов дизајн на предниот дел

Дизајнот на новиот Ку-5 го продолжува стилот на досегашниот модел, со таа разлика што се става повеќе нагласок на пошироката „сингл фрејм“ маска и на нападните отвори за воздух долу.

Ауди кажува дека дизајнот му дава на автомобилот „визуелно комплетен и широк став на патот.“

Моделите во спортската изведба С Лајн имаат каросериски додатоци што се финиширани со изглед на хром во мат антрацит тон.

Впечатливи се светлата во коишто работи висока технологија. Тридимензионално изведената светлечка лента назад „спектакуларно“ ги соединува физичкиот со дигиталниот свет, ценат во Ауди.

Шест дигитални ОЛЕД-панели со вкупно 266 сегменти создаваат нова слика врз патот неколкупати во една секунда. Ауди вели дека светлата може да се користат за комуникација со останатите учесници во сообраќајот, на пример при итна ситуација, доколку тоа го дозволуваат законите во дадената земја.

Фабричко видео од новиот Ауди Ку-5 во студио

Нов софтвер

Ку-5 ја користи новата електрична архитектура на концернот Фолксваген, што го доживеа своето деби во електричните Порше Макан и Ауди Ку-6.

Архитектурата користи софтвер 1.2 изработен од Кариад, за којшто Ауди вели дека нуди подобрено корисничко искуство. Инфо-забавниот систем се базира на оперативен систем Андроид Аутомотив.

Единечниот панорамски дисплеј се состои од дигитални инструменти од 11,9 инчи и од средишен дисплеј на допир, со пречник од 14,5 инчи, со технологија ОЛЕД со висока резолуција. Може да се нарача дисплеј пред совозачкото седиште од 10,9 инчи.

Ауди кажува дека ентериерот е дизајниран да создаде „домашна средина“ со платнени облоги во вратите и во потпирачите за раце. Меѓу материјалите што се користени во внатрешноста спаѓа Каскада, платно од вештачки материјали, што е слично со волна.

По целата ширина на кабината се протега светлечка лента за „динамична интеракција“, којашто може да светне или да трепка, како знак за добредојде или како знак дали возилото е отклучено или заклучено.

Напредни системи за асистенција

Стандардната опременост со системи за асистенција вклучува паркинг сензори назад, темпомат и предупредување при напуштање на лентата. Опција е приспособлив темпомат, исто како и панорамски дисплеј, што може да се мести преку копчињата на воланот, првпат во Ауди.

Досегашниот модел се произведуваше и во купе-изведба Спортбек. Ауди не соопшти дали и новата генерација на Ку-5 ќе ја вклучува стилската изведба.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More