Најавените построги еколошки норми за автомобилите се пресуден момент поради кој Audi решил да не инвестира во развој на нови мотори со внатрешно согорување.
Ова за германските медиуми го потврдил Маркус Дусман, првиот човек на брендот од Инголштад, кој јасно навестува дека ЕУРО 7 нормата не може да обезбеди рентабилни проекти.
– Плановите на Европската Унија за построги норми се голем технолошки предизвик, а истовремено имаат мал придонес за поголема заштита на животната средина.
– Тоа ќе значи сериозна рестрикција на употреба на моторите со внатрешно согорување, па затоа ние нема да инвестираме во развој на нови. Истовремено, ќе работиме на унапредување на актуелните мотори и приспособување на барањата на регулаторите, – изјавил Дусман.
По првиот електричен модел e-tron, Audi неодамна го претстави спортскиот седан e-tron GT, а веќе следниот месец се очекува премиерата на Q4 e-tron, кој ќе биде и најдостапен и веројатно најпродаван електричен автомобил на брендот.