Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го пробила рокот и сè уште не го доставила предлог-буџетот до Советот на Град Скопје, за да се разгледува и да се изгласа, а ако Градот остане без буџет, ќе настане колапс, тотална анархија.
Ова го изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински кој гостуваше во поткастот на Плусинфо во едицијата „Размислувај глобално, делувај локално“ со Мартин Богатиноски.
На прашањето на новинарот што да прават скопјани, да стискаат ли заби до следните локални избори до кои има нецела година, министерот Перински одговори дека не знае ниту што ќе прави раководството на Градот Скопје дотогаш, оти може да остане без буџет.
– Вчера бев информиран дека раководството на Градот Скопје не го доставило предлог-буџетот за 2025 година до советниците на Град Скопје навреме, значи, го пробиле рокот. Согласно Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Советот на Град Скопје и на секоја локална самоуправа треба да изготви буџетски календар во кој ќе утврди во кои рокови треба градоначалникот да го достави предлог-буџетот до советниците, за се разгледува и да се изгласа. Тој рок во Град Скопје бил 10 декември. Денеска сме 13 декември, 3 дена е пробиен рокот. Сега веќе и тука имаме проблем. Навистина не знам што е целта. Но, ако остане Градот и без буџет, тогаш тоа е тотален колапс. Тоа е директно прекршување на надлежностите на градоначалникот кои се опишани во Законот за локална самоуправа – вели министерот за локална самоуправа Златко Перински.
На прашањето што значи тотален колапс, министерот рече дека ќе не може вирман да се плати од Град Скопје.
– Тоа е пострашно од ова што се случува, затоа што и сега не се случува ништо продуктивно, но, тоа би било тотална анархија. Едноставно, немате буџет. А ако немате буџет, тогаш влегувате во времени финансирања. Многу големи и тешки проблеми – предупреди министерот за локална самоуправа Златко Перински.