Арсенал е подготвен да ја плати отштетата за напаѓачот на Ипсвич, Лиам Делап, пренесуваат британските медиуми. И покрај тоа што има договор до 2029 година, Ипсвич ќе мора да го продаде својот најдобар фудбалер по испаѓањето во Чемпионшип.
Лондонскиот гигант веќе постигнал договор со агентот на 22-годишниот напаѓач и договорени се личните услови, но Делап ќе мора да се бори за место во стартниот тим. Прва желба на Артета за шпиц е Швеѓанецот Виктор Ѓокереш од Спортинг, кој оваа сезона има неверојатни 52 гола во сите натпреварувања.
Отштетната клаузула за Делап изнесува 35 милиони евра, што Арсенал е подготвен да ја активира. Претходно, клубот беше заинтересиран за Бенјамин Шешко од Лајпциг, но спортскиот директор Андреа Берта ја стопираше зделката поради високата цена од над 80 милиони евра.
Лиам Делап е син на поранешниот премиерлигаш Рори Делап, легендарен по своите далечни аути во дресот на Стоук. Младиот репрезентативец на Англија е производ на академијата на Манчестер Сити, но не доби вистинска шанса и минатото лето беше продаден на Ипсвич за 18 милиони евра.
Делап оваа сезона постигна 12 гола и додаде 2 асистенции во дресот на Ипсвич.