Apple на годинешната WWDC конференција ќе претстави ново именување на своите оперативни системи. Наместо досегашните бројчaни ознаки, компанијата преминува на систем на именување според година.
Во моментов, оперативните системи на Apple имаат различни броеви поради различни времиња на лансирање. iOS е на верзија 18, macOS на 15, watchOS на 11, а visionOS дури на 2. Новиот пристап ќе ги обедини сите имиња под годината 2026, иако системите ќе бидат лансирани уште во септември 2025 година – слично на тоа како автомобилската индустрија ги означува моделите за наредната година.
Apple не е единствен
Овој пристап не е нов во технолошката индустрија. Samsung во 2020 година премина на годишно именување со серијата Galaxy S20, а Microsoft користеше години во имињата Windows 95, 98 и 2000. Apple веќе го тестираше овој пристап со пакетите програми iWork ’08 и iLife ’08.
Solarium носи нов дизајн за сите системи
Покрај промената на имињата, Apple подготвува и севкупна промена на дизајнот под кодно име „Solarium“. Новите интерфејси ќе ги опфатат iOS, iPadOS, macOS, tvOS, watchOS и делови од visionOS. Дизајнот ќе вклучува транспарентност, стаклести материјали, освежена навигациска хиерархија и нови икони, инспирирани од естетиката на visionOS.
Оваа промена на дизајнот се опишува како најзначајна уште од iOS 7 во 2013 година. Како и тогаш, Apple очекува мешани реакции од корисниците на толку голем визуелен пресврт.