Марк Гурман веќе одреден период најавува дека Apple планираат да влезат посериозно на пазарот за паметните домови преку претставување на паметен екран.
Тој сега излезе со најмногу детали, а и тврди дека првиот ваков производ може да се очекува веќе наредната пролет. Понапредниот екран, тој кој Гурман го најавува со роботска рака, останува за подоцна, односно може да се очекува во 2026.
Според Гурман, паметниот екран ќе биде со големина од 6 инчи, односно како два iPhone-и поставени еден до друг. Уредот ќе има кориснички интерфејс кој ќе биде комбинација од watchOS и StandBy режимот кој е достапен на iPhone.
Контролата на екранот ќе може да се прави со допир, но сепак главниот начин на интеракција е замислен да биде со гласовни команди. До пролет треба да биде пуштена новата и доста подобра верзија од Siri, па тоа ќе биде таман на време за претставување на еден ваков уред направен на основа на генеративната вештачка интелигенција.
Главната намена на екранот ќе биде контрола на уредите од паметниот дом, но исто така на него ќе можат да се гледаат одредени информации со достапноста на Safari, а ќе може и да се слуша музика преку Apple Music и да се прават повици преку FaceTime.
Тоа значи дека се планира додавање и на звучник и камера, а Гурман смета дека екранот ќе има повеќе вакви додатоци кои може да бидат правени и од други компании.
Што се однесува до апликациите, за истите нема да има продавница, па ќе бидат вклучени само ограничен број на Apple апликации.
Според Гурман, екранот ќе препознава кога некој е блиску до него, а врз основа на тоа ќе прикажува различни информации.
Слични производи веќе постојат на пазарот од Amazon и Google, па Apple нема да бидат првите, но дефинитивно може да направат карактеристично влијание за нив.