12.8 C
Skopje
Monday, June 14, 2021

Apple ќе инвестира над милијарда евра во Европски центар за 5G и безжични технологии во Минхен

Најчитани вести

Градејќи врз основа на своите длабоки корени во регионот, Apple додава нов објект во Минхен за да се фокусира на 5G и идните безжични технологии.

Apple ќе го направи Минхен свој Европски центар за производство на чипови, додавајќи стотици нови вработени и нов најсовремен објект насочен кон поврзувањето и безжичните технологии. Минхен веќе е најголемиот инженерски центар на Apple во Европа, со близу 1.500 инженери од 40 земји кои работат во различни области, вклучувајќи го дизајнот за управување со енергија, процесори за апликации и безжични технологии. Нивната работа придонесува за прилагодениот дизајн на Apple чиповите, со водечки перформанси во индустријата, моќни карактеристики и неверојатна ефикасност. Објектот во Минхен, заедно со дополнителните инвестиции за истражување и развој, само во следните три години ќе надмине една милијарда евра.

„Не би можел да бидам повозбуден поради сето она што ќе откријат нашите инженерски тимови во Минхен – од истражувањето на новите граници на 5G технологијата, до новата генерација технологии што на светот му донесуваат моќ, брзина и поврзаност“, рече Извршниот директор на Apple, Тим Кук. „Минхен е дом на Apple веќе четири децении и благодарни сме и на оваа заедница и на Германија што се дел од нашето патување“.

Проширување на инженерските тимови на Apple во Минхен

Оваа експанзија е последниот чекор во долгогодишниот напор на Apple да изгради тим од инженери од светска класа во Минхен и ширум Германија.

Во 2015 година, Apple го отвори својот Баварски дизајн центар, кој се прошири на повеќе од 350 инженери. Првичниот фокус на тимовите беше кон управувањето со енергијата, и ова беше пресудно во напорите на Apple да испорача повеќе чипови со мала потрошувачка на енергија. Тимовите креираа прилагодени чипови, обезбедувајќи поголеми перформанси и подобра ефикасност за iPhone, iPad, Apple Watch и Mac, со помош на M1 чипот. Во текот на изминатата деценија, иновациите на Apple во енергетската ефикасност ја намалија просечната потрошувачка на енергија на производите за над 70 проценти.

Во 2019 година, компанијата додаде локации за инженеринг на чипови во Наберн, Кирхајм. Денес, околу половина од глобалниот дизајнерски тим на Apple за управување со енергија се наоѓа во Германија, а Apple има и тимови во Минхен, кои работат на процесори за SoCs апликации и аналогни и мешовити сигнални решенија за iPhone.

Нов простор за најголемиот европски инженерски тим за мобилни технологии 

Новиот објект ќе биде дом на растечката мобилна единица на Apple и најголема европска локација за истражување и развој за мобилни безжични полупроводници и софтвер. Тимот создава 5G и идни технологии, донесувајќи иновации во сите аспекти на безжичното искуство преку непречена интеграција на хардверското и софтверско инженерство. Тимовите се фокусираат и на развој, интеграција и оптимизирање на безжичните модеми за производите на Apple. Локацијата на Apple во Линц, Австрија ги покренува новите радио технологии.

Новиот објект со површина од 30.000 квадратни метри е лоциран во централната улица во Минхен, Karlstrasse. Архитектурата и градините ги истакнуваат локалните материјали, што го рефлектираат Минхен како град што ги комбинира наследството, хуманоста и иновациите. Apple планира да се всели во новата зграда кон крајот на 2022 година, а од првиот ден ќе има LEED Gold сертификат. Како и сите канцеларии на Apple на глобално ниво, објектот ќе работи целосно на 100 проценти обновлива енергија. Ширум Германија, Apple сега има над 4.000 членови на тимот во различни улоги, вклучувајќи малопродажба, инженеринг и операции.

Придонес за индустрискиот и технолошки успех на Германија

Во изминатите пет години, Apple потроши над 15 милијарди евра со повеќе од 700 компании од сите големини ширум Германија. Ова ги вклучува производителот на чипови Infineon, компанијата за батерии Varta и семејната хемиска компанија DELO, која испорачува смола за Face ID технологијата во најновите производи на Apple, вклучувајќи го и iPhone 12 Pro.

Лоциран на еден час надвор од Минхен, DELO соработуваше и со еколошкиот тим на Apple во регионот, за да ja намали употребата на штетни хемикалии и својот јаглероден траг, приклучувајќи се на обврската на Apple да биде јаглеродно неутрален во однос на целиот свој бизнис, производствениот синџир на снабдување и животниот циклус на производите до 2030 година.

Во 2015 година, Apple ја покрена Програмата за чиста енергија на снабдувачите, и ширум Германија, снабдувачите работат на нови решенија за водење на производството на Apple со 100 проценти обновлива енергија. Кон програмата се приклучија и компаниите како Henkel, Тesa SE и Varta. Откако ќе бидат завршени сите проекти на снабдувачите на Apple, со овие заложби ќе бидат избегнати над 14,3 милиони метрички тони CO2e годишно – што е еквивалентно на отстранување на повеќе од три милиони автомобили од патиштата секоја година.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести