Професорот Димитар Апасиев со емотивен статус се прости од професорката Поленак-Аќимовска.
– MORS QUID EST?
AUT FINIS, AUT TRANSITUS
Угледните професори од стар ков, полека си заминуваат.
Денес ја погребавме нашата драга МИМИ (проф. д-р Мирјана Поленак-Аќимовска). Професорката по Римско право која успеа да изнедри три генерации правни романисти! Супер-Жената која со децении ги водеше Ораторските вечери „Иво Пухан“, а која го промени и мојот професионален живот.
Пред дваесетина години, како тогашен апсолвент на Правен, бев западнал во некој даун-период и тукуречи решен да се откажам од студирањето. А таа година, по втор пат, победив на ораторските и со Професорката се знаевме прилично добро. Тогаш живеев во Студентскиот „Гоце“.
Одам еден ден накај Студентски прашања, кај тетка Донка, да се распрашам за процедурата за отпис… Наеднаш слушам ведар глас во аулата:
– „Абазиев (стално ми го грешаваше презимето на почетокот) – па кај си ти? Те барав по колегите и во Клубот на оратори“.
– „Еве“ викам – „изгледа толку ќе е од мене и од правото“.
Ме гледа вчудоневидено!? Не и е јасно што слуша…
– „Како, како? Ваков капацитет да се откаже од студии. Па дали си ти нормален. Тргај одма кај мене во кабинет! Сакам да те частам кафе“.
Ме зема под рака и одиме кај неа во кабинет. Ми вика: – „Секако ќе те барав, ама ти го немав бројот. Мене на Катедра ми требаат демонстратори од овој семестар. Сакав да ти понудам да држиш вежби по Римско. Најдов колешка, ми треба уште едно машко“?
Мене не ми се веруе шо слушам. Претходниот семестар само што одбив друг професор кој ми понуди предмет кој не го сакав и не ми лежеше. Ама, Севишниот сам си ги реди коцките. Ќе умрам од среќа. Римско, брааат. Ејјј. Предметот кој е основа на сето право и кој се учи у цел свет! Па тоа е мојата пасија и животна желба.
Вика: – „Понеделник почнуваме“. И така, едно велешко дете на стечајци, без врски, стана демонстратор по Римско право – позиција на која останав пет незаборавни академски години во кои квалитетно го печев занаетот.
По трансферот на УГД-Штип, постојано беше дел од рецензентските комисии на сите мои трудови, книги и избори во звања. Сè до последново, кога кај нив дома, од срце ми го потпиша извештајот за избор во највисокото звање. Ѝ беше многу мило, чунки бев „нејзин кадар“.
Си ветивме, да затопли, па ќе частам вечера за изборот во редовен професор.
Ви останав дужен, Професорке.
Вечно ќе ве памтиме и спомнуваме по добро.
p. s. Барам по сликиве, ама оваа изгледа ни е последната заедничка фотографија (од 2019-та, на коктелот после промоцијата на нашиот коавторски универзитетски учебник „Реторика“)