Славниот француски фудбалер, Тјери Анри, имаше повеќе од пофални зборови за полуфиналниот двомеч на Интер и Барселона во Лигата на шампионите и рече дека овие две екипи „му ја вратиле вербата во фудбалот“.
Анри призна дека последниве две години гледал многу здодевен и неатрактивен фудбал, изразувајќи огромна благодарност за италијанскиот и шпанскиот гигант.
„Минативе 1-2 години морам да признаам дека гледав здодевен фудбал. Ми беше здодевно да гледам многу мечеви, но Интер и Барселона го потсетија целиот свет како всушност треба да изгледа фудбалот.
Постојано надигрување од две одлични екипи кои без престан играа отворено и атрактивно. Помисливме дека Рафиња донесе победа за Барса, но Ачерби го врати Интер. Јамал имаше шанса да стави точка, но потоа видовме што се случи.
Мислам дека ни ја вратија вербата во фудбалот, овој спорт треба да ни приредува токму вакви неверојатни пресметки“, изјави Анри.
Интер и Барселона одиграа два исклучително возбудливи и атрактивни натпревари, на кои беа постигнати вкупно тринаесет голови. Италијанскиот претставник мина во финалето откако славеше со конечни 7-6.