Од објавените резултати на анкетата која Институтот за политички истражувања – Скопје на анлитичарот Владимир Божиновски, кој е близок до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ја спроведе за МТВ се заклучува дека Европскиот фронт е во предност за формирање влада пред престојните парламентарни избори.
Според досега објавените резултати од изборните единици 1, 2, 5 и 6, Европскиот фронт би освоил 35 пратенички места, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои би освоиле 29 пратенички места. Од ваквите резултати на опозициските анкети станува јасно дека расположението на граѓаните е про-европско и дека тие го избираат Европскиот фронт и европската иднина, наспроти неизвесноста и изолацијата со ВМРО-ДПМНЕ.
Од досега објавените резултати, Европскиот фронт убедливо води во Изборната единица 6, каде што СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците, ЛДП, ДОМ, ВМРО-Народна партија би освоиле 11 мандати, наспроти 3 на ВМРО-ДПМНЕ. Во Изборната единица 5, Европскиот фронт би освоил 10 мандати, наспроти 9 на ВМРО-ДПМНЕ, додека блага предност има ВМРО-ДПМНЕ во изборните единици 1 и 2.
Ваквите резултати, дури и на анкетите од проопозициските институти покажуваат дека е лажен триумфализмот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дека мнозинството од граѓаните својата поддршка ја даваат на владејачкиот Европски фронт.