6.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021

Андов: Бугарскиот Меморандум е фабрикуван за да ја спречи атмосферата на соработка меѓу Скопје и Софија

Најчитани вести

Од македонската страна не постои спремност за прифаќање позиција на пониженост и обесправеност во постапката за полноправно членство на земјата во ЕУ. Од ден на ден ќе биде сѐ појасно кои биле целите на Меморандумот и дали тие цели се само против РС Македонија или против интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, вели првиот претседател на македонскиот парламент, Стојан Андов, во интервју за МКД.мк. Коментирајќи ги тврдењата од Софија, вели дека Македонија никогаш не била споена со Бугарија, освен на картата на Санстефанска Бугарија, па југословенските народи да ја одвојуваат од Бугарија.

Како би ги опишале сегашните односи меѓу Македонија и Бугарија?

Општо земено сегашните односи меѓу РС Македонија и Бугарија може да се дефинираат како непосредно искомпликувани и отежнати. Веќе не се само билатерален, туку и многу поширок проблем. Станаа вистински проблем на Западен Балкан и во внатрешните односи во ЕУ. Во тој галиматијас од проблеми РС Македонија нема своја вина. Сите тие проблеми се голема пречка што го пресекува патот на РС Македонија кон ЕУ. Така, сега односите меѓу нашата земја и Бугарија, без никаква вина од наша страна, станаа далеку поширок и покомпликуван проблем.

Видливи се настаните што се наметнаа како внатрешен проблем меѓу земјите членки на ЕУ. Сите тие новонастанати и исфабрикувани проблеми ја оптоваруваат и ситуацијата во Македонија. Нашата земја поодамна го определи својот пат кон приклучување во НАТО и ЕУ. Да не потсетувам на Декларацијата од пролетта 1993 година, кога се водеше битка за прием на Република Македонија во Обединетите нации. Собранието на Република Македонија во ист правец донесе Декларација за влез во НАТО. Бевме свесни и знаевме каква е постапката да влеземе во НАТО, но сакавме да го покажеме нашето определување и избран пат кон Европа.

Истовремено, Македонија веќе од почетокот на 1992 година, со еднострана одлука на ЕЗ, стана корисник на одредбите од Договорот за соработка и трговија, заклучен на 2 април 1980 година меѓу СФРЈ и ЕЗ. Републиките од поранешна Југославија во кои се водеше војна не можеа да ги користат одредбите од тој договор поради санкциите што ги наложи Советот за безбедност на ОН, а Република Македонија веќе ги користеше сите олеснувања содржани во тој договор. Сите тие последователни текови сега се искомпликувани и се јави нова пречка. Тоа е суштината на сегашните односи меѓу нашата земја и Бугарија и тоа, повторувам без вина на нашата земја.

Во изминатите неколку месеци се изнакажаа толку многу работи во Бугарија за идентитетот, за македонскиот јазик, за историските личности, се појави Меморандумот за кој велите дека е полн со лаги и измислици… Кои се тие лаги и измислици?

За Меморандумот веќе посебно пишував. Прво, мислам дека е вештачки одбран периодот што го зафаќа Меморандумот на бугарската влада. Тој документ го зафаќа периодот од 1944 до 1946 година. Не го зафаќа периодот пред 1944 година, а и од тој период што го зафаќа прикажани се невистини и конструкции.

На пример, во тој Меморандум се тврди дека во периодот од 1944 до 1946 година во Македонија биле малтретирани 100.000 Бугари, а 20.000 од нив биле ликвидирани. Тоа е сосема спротивен приказ на тој период и ги изопачува нештата.

Всушност, од 9 септември 1944 година заклучно со целата 1946 година, тоа е период на целосно разбирање и соработка меѓу македонската власт и власта на ОФ Бугарија. Ако се има во вид тој период, сите тврдења во Меморандумот се фалсификат и измислица. Токму поради тоа сметам дека Меморандумот е фабрикуван за да ја спречи и растури атмосферата на меѓусебна соработка меѓу Македонија и Бугарија што завладеа по ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Затоа мислам дека намерата на изјавување и процесуирање на тој Меморандум однапред имала цел да ги искомпликува добрите односи меѓу Македонија и Бугарија и целата постапка за прием во ЕУ да биде оневозможена. Кој сѐ стои зад тој Меморандум, кој ја измислил таа концепција да се фабрикува таков меморандум, многу е тешко да се разбере. Самата Бугарија нема некој интерес од таквата постапка како држава.

Што мислите, зошто Бугарија вака се однесува кон Македонија? Каде ќе нѐ однесе тоа и нас и нив?

Сигурен сум дека тој Меморандум не може да се одржи. Мислам оти од ден на ден ќе биде сѐ појасно кои биле целите на Меморандумот и дали тие цели се само против РС Македонија или против интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. И уште понатаму, дали се тие цели да се стори меѓусебен раздор меѓу балканските држави во НАТО на југот од Балканот. Тие работи постепено ќе се откриваат. Не ми е убедливо мислењето дека целата оваа каша-попара е измислена и направена за да му се помогне на Борисов да ги добие изборите на 28 март оваа година. Сепак ми се чини дека е во прашање нешто потешко и поопасно што стои зад таа концепција изложена во Меморандумот и што доминира како основа на бугарската политика кон Македонија.

Но многу работи беа кажани и од наша страна. Премиерот Зоран Заев прво говореше за Бугарите како „администратори“ што му се приклучиле на антифашистичкиот фронт, па за заедничко ослободување на неколку градови. Како ги толкувате овие тврдења, кои предизвикаа бурни реакции во јавноста, за потоа тој да изјави дека Бугарите биле окупатори?

Мислам оти таа првата формулација што ја наведовте во прашањето на Заев му се наметнуваше под притисок на бугарската политика. Инаку, во периодот на Втората светска војна постојат навистина два периоди на бугарската политика кон Македонија и не само кон неа, туку и кон Втората светска војна.

Во првиот период Бугарија влезе како фашистичка земја. Во декември 1940 година во Бугарија беа донесени закони за „чистота на нацијата“, слични на Хитлеровите Нирнбершки закони. Врз основа на тие закони во Бугарија на Евреите им се наметнаа жолти ленти со Давидовата ѕвезда и речиси сите беа раселени во помали места, а не таму каде што имале бизнис, а еден дел и во новоотворените логори, каде што имаше и Бугари антифашисти.

Потоа, на 1 март 1941 година, Бугарија му пристапи на тројниот пакт Рим-Берлин-Токио. Таа уште беше парламентарна држава, ама реалните односи и законите ја претворија во фашистичка држава. Парламентот аплаудираше на потпишувањето на договорот од 1 март 1941 година.

По нападот на Хитлеровите сили врз Југославија, во кој учествуваа и италијански сили, предвоена Југославија беше распарчена. Воспоставена беше една квислиншка држава, НДХ, и наметнати се профашистички режими во Србија и дел од Словенија. А Македонија е поделена, со препорака на Хитлер, меѓу Бугарија и Италија. На навлегувањето на бугарските воени сили во Македонија им претходеше наредбата за бугарска окупација, а влегувањето на бугарската војска и администрација во Македонија беше силно поздравено од пратениците во тогашниот бугарски парламент.

Потоа дојде до нашата НОВ како дел на ослободителната војна на народите на Југославија. Дојде до одржување на Второто заседание на АВНОЈ, на 29 и 30 ноември 1943 г. и на одржување на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На 9 септември 1944 година во Бугарија е извршен преврат. Фашистичката влада беше соборена, а нејзиниот претседател и министри беа затворени и предадени на правосудните органи. На чело на државата дојде нова ОФ влада, чиј претседател беше Кимон Георгиев, демократски определен политичар, изразит антифашист. И оттаму почна новата, антифашистичка историја на Бугарија во Втората светска војна.

Кога го споменуваме Меморандумот, со најцрни ознаки е обележан токму тој период во бугарската историја, како за Македонија, така и за Бугарија. Имајќи ги во вид сите овие факти, Заев има право кога говори за два периоди на Бугарија – период на фашистичка Бугарија и период на антифашистичка ОФ Бугарија. За жал, поради неговата припадност кон помладата генерација, кај Заев досега не биле јасно изнијансирани историските периоди и разлики меѓу тие два периоди на бугарската историја во Втората светска војна.

Имаше уште една изјава, дека југословенските власти ги раздвоиле двата народа, македонскиот и бугарскиот. Водеше ли Југославија антибугарска политика?

Југославија, поточно Тито, водеше изразено антифашистичка политика. Тој од почеток, кога влегоа германските сили во Југославија, застана на ставот да не ја признае окупацијата и ги повика сите народи на антифашистичка борба против хитлеризмот и неговите слуги.

Точно е дека таа политика на Тито ги одвои југословенските народи од бугарскиот народ во таа фаза, но по доаѓањето на антифашистичката влада во Бугарија настапуваат извонредно добри, блиски односи на интензивна и искрена соработка меѓу Титова Југославија, во тие рамки и Македонија, и особено меѓу Македонија и ОФ Бугарија. Имајќи ги предвид сите овие работи, комплетно е матна работата на оние што го изработиле Меморандумот на бугарската влада од октомври 2020 година.

Таа политика на Југославија кон Бугарија се потпираше на политиката на Македонија кон Бугарија. И покрај сета друга политичка помош што ѝ беше дадена на Бугарија од страна на Титова Југославија, таа и економски ѝ помогна кога на Париската мировна конференција од август 1947 година ја ослободи Бугарија од плаќање репарација на Југославија, пари што претежно ќе дојдеа во Македонија.

Треба да се каже и следното: Македонија никогаш не била споена со Бугарија, освен на картата на Санстефанска Бугарија, па југословенските народи да ја одвојуваат од Бугарија. Денешна Македонија пред Втората светска војна ѝ припаѓала на Караѓорѓевиќева Југославија, а пред тоа на Отоманската Империја, а не на Бугарија. Затоа квалификацијата дека Југославија ја одвојувала Македонија од Бугарија не е точна. Македонија во поновата историја се определи за независност и сопствен пат и никој не ја одвојуваше и спојуваше без нејзина волја.

Колку надворешната политика на Југославија беше насочена кон заштита на правата на Македонците во Бугарија и Грција?

Овде уште еднаш ќе повторам, за време на Титова Југославија политиката во односите кон Бугарија, па и кон македонското малцинство во Грција, главно се дефинираше во Скопје, во Македонија. Ставовите на македонската влада и македонското државно раководство во тие времиња прераснуваа во ставови на југословенското раководство. Блоковската поделеност што настапи не овозможуваше пошироки рамки за остварување на таа политика. Бугарската политика на Тодор Живков се засноваше на непризнавање на постоење македонски народ и македонска нација, а внатре во Бугарија не признаваше постоење на малцинства.

Како ги толкувате членовите во Договорите со Грција и со Бугарија што се однесуваат на македонското малцинство во двете земји, со оглед дека има многу забелешки дека Македонија се откажува од Македонците таму?

Во Македонија мислам оти не е добро позната проблематиката на меѓународните прописи за малцинствата. Меѓународното право признава малцинства и ги обврзува властите во сите земји да им дадат малцински права на припадниците на малцинствата, но не одобрува друга држава да се меша во внатрешните работи во земји што има малцинство. Искуството на Македонија во времето на Титова Југославија и нејзините обиди да ги штити правата на македонското малцинство во Грција и Бугарија дадоа спротивни резултати. Токму поради таквата политика на СФРЈ и СРМ припадниците на македонските малцинства во Грција и Бугарија беа жестоко малтретирани зашто тие држави сметаа дека грижата за нашите малцинства нужно води кон отцепување на територии од нивните држави и припојување кон Македонија и Југославија. Генерално земено, не може да се најдат забелешки за третманот во односот кон малцинствата во договорите што Република Македонија ги потпиша со Грција, Преспанскиот договор, и со Бугарија, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Можеме ли да се извлечеме од бугарската блокада во ЕУ без да се чувствуваме подредено, понижено и навредено?

Колку што ги следам работите, од македонската страна не постои спремност за прифаќање позиција на пониженост и обесправеност во постапката за полноправно членство на РС Македонија во ЕУ и колку што ги следам работите, таква спремност за прифаќање подреденост на туѓи интереси и намери и во ова државно раководство не постои, без оглед што имало некои изјави што не биле доволно јасни и создавале различни впечатоци, посебно од премиерот Заев.

Како би ја дефинирале надворешната политика на Македонија кон соседите?

Македонската надворешна политика, посебно односите кон соседите, е европски заснована и ориентирана кон интензивни добрососедски односи, градење разбирање и соработка со сите соседи. Не гледам некој проблем на страна на РС Македонија и македонската надворешна политика во таа област кон соседите. Сметам дека тоа не е само политика на владата на Заев, туку е тоа политика и на претседателот на Републиката и на Собранието и на клучните наши политички партии. Таа го одржува континуитетот и од периодот кога на власт не беа овие генерации што се сега.

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com