Home » Андоновски: Дигиталната инфраструктура ќе биде моторот за напредок на иднината

Андоновски: Дигиталната инфраструктура ќе биде моторот за напредок на иднината

by Журнал.мк

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на високиот панел „Digital Innovation as a Driver of Growth in Emerging Europe“, во рамки на конференцијата Greater Heights, организирана од Светска банка.

На настанот се обратија министри, претставници од ЕУ, инвеститори и експерти за економски раст, кои дискутираа како дигиталната трансформација може да го забрза приближувањето на земјите од регионот кон високоразвиена економија.

Во своето обраќање, Андоновски истакна дека дигитализацијата во Македонија не е проект сам по себе, туку суштинска трансформација на институциите и општеството.

-Не дигитализираме заради тоа што е во тренд. Дигитализираме заради функционалност, борба против корупцијата, достоинство и еднаквост. За вработените да не треба да земат ден од работа за да извадат извод. За фирмите што заслужуваат потврди без да платат мито. За сите граѓани кои имаат право на брза, правична и достапна услуга, рече министерот.

Тој го истакна триаголникот на стратегија:

Инвестиции во дигитална инфраструктура – нов примарен дата центар, безбедна оптичка мрежа, централизиран G-Cloud.

Инфузија на доверба преку сајбер безбедност – нова национална стратегија, закон усогласен со NIS2, воспоставување на државен SOC.

Иновација преку отворени платформи и човечки капитал – дигитална писменост во образованието, AI за јавниот сектор, и развој на националната супер-апликација. Андоновски најави партнерство со украинското Министерство за дигитална трансформација за развој на дигитален паричник, што ќе вклучува документи, е-услуги и лична идентификација преку мобилен телефон.

„Нашата цел не е да бидеме следната Естонија на Балканот. Сакаме да изградиме СМАРТ Македонија – каде што дигиталната доверба е реална, услугите функционираат, а секој граѓанин има фер пристап, без разлика каде живее.“

Настанот „Greater Heights“ е дел од пошироката програма на Светска банка за поддршка на структурни реформи и дигитална економија во земјите од Западен Балкан и Источна Европа.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk