Карло Анчелоти се подготвува за Куп пресметката против Леганес во четвртфиналето кое утре ќе се игра на „Бутарке“, стадион на кој италијанскиот стручњак ќе мора да прави доста претумбации во стартниот тим, не само поради отсуството на дефанзивци, туку и поради ситните повреди на Килијан Мбапе и Џуд Белингам.
Проблемот на Давид Алаба кој беше пријавен ова попладне направи Италијанецот да остане само со Асенсио како стопер во овој момент, но Дон Карло најави дека на утрешниот меч поради мали проблеми нема да настапат и двете големи ѕвезди од нападот.
Тренерот на Реал смета дека неговиот тим е доволно добар да се справи и без нив двајца во офанзивата, но обраќањето пред новинарите го искористи за да се наврати на моментот од минатиот викенд, односно непокажаниот црвен картон на Карлос Ромеро за крвничкиот старт над Килијан Мбапе.
– Дали верувам во судиите? Се случи нешто што е неоебјасниво со зборови. Кога зборуваме за заштита на интегритетот на фудбалерите, треба да преземеме мерки за да го направиме тоа.
– Реал Мадрид како клуб побара објаснувања за оваа одлука и јас ја поддржувам реакцијата на клубот. Во дадената ситуација, не се направи ништо за да се заштити интегритетот на еден фудбалер, а во случајот тоа беше Мбапе, – изјави Анчелоти.