15 C
Skopje
Tuesday, May 11, 2021

Ана Бунтеска: Во некое друго време

Најчитани вести

Во некое друго време

Да живеевме во друго време

Во кое невреме немаше да има

Во некое чудно време да бевме

Во кое време не постои

И во кое душите наши кршливи

Зачувани од светот ќе беа

Можеби ќе истраевме

Та еден за друг ќе се дочувавме

Ти за мене неизеден од “вчера”

Свежо избричен со мирис на море

Јас за тебе без модринки од “утре”

Со коси пуштени ко ветар во нив да имам

Ех, во друго време очите да ни се споеја

И срцата еден за друг да ни зачукаа

Во време во кое облаците бели ќе беа

И денот ќе траеше доволно долго

За во него се’ да се исприкажеме

Во време во кое дождот рани ќе одмиваше

А ноќите ко деној долги ќе беа

За лузните со бакнежи да си ги исцелуваме

Можеби ќе знаевме како да се љубиме

Без загризи од кои не се најадувавме

Ниту за најаска ниту за дојаска доволни

Во некое друго

Во некое поарно време да се сретневме

Можеби немаше разделени да сме

Иако иста постела делиме

Секој на својата половина стуткан

Како душите истуткани од јадови што ни се

И ќе знаевме како крајот да го прескокнеме

Небаре вирче на патот останало

Или можеби ќе знаевме

Како со крајот на крај да излеземе

Без болката да си ја досолиме

И без коски еден на друг да си глодаме

Душо моја

Колку сакам во некое друго време

Повторно демек случајно да се сретнеме

Со спомени бледи од слики во кои

И ти и јас среќни сме

Олеснети од товарот кој секој од нас

Со себе го влечка ко куфер стар

Во кој минатото ко олово тежи

И место за иднината не остава

Во друго време рацете да ни се спојат

И од нас рожба да има

Пола ти во неа да се огледуваш

А другата половина на мене да наликува

Колку само сакам…колку сакам

Само ова време да помине

Само ова време да не’ одмине

Во кое ниту јас за тебе арна сум

Ниту ти за мене добар ќе бидеш

И во кое збогум ќе мора да си кажеме

Дур чекаме

Дур се дочекаме

Во некое друго време

Во кое ќе знаеме како да се дочуваме

За Женски магазин, Ана Бунтеска

Повеќе вести

- Advertisement -spot_img

Најнови вести