Најпрво најавуваше, а потоа делумно ретерираше министерот за информатичко општество Азир Алиу, откако денес се појавија информации дека тој има намера да ја напушти министерската позиција. Пакетот европски закони за реформи на јавната администрација, за дигитализација и за медиуми, за малку ќе го „раситнеше“ владиниот кабинет, пред колективните оставки и преодот кон техничка Влада. Претходно, извори за Телма брифираа дека причина за Алиу да најави оставка е тоа што СДСМ и ДУИ одбиваат да ги стават на собраниска агенда и да го поминат пакетот закони со европско знаме.
„Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзуваат лично со моето име, јас ќе поднесам оставка денес и веднаш. Досега, на мене ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои јас лично не верувам. Но, ако тоа се докаже јас ќе поднесам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена, а потоа ќе поднесам оставка и до Владата“, изјави Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација.
Станува пракса законите да поминуваат на Влада, а потоа да заглавуваат во Собрание, вели Алиу и додава дека не може да има систем ако истиот зависи од индивидуи и нивните желби. На пакетот закони се работело во изминатите единаесет месеци колку што е на позицијата министер. Одложувањето на донесувањето на законите ја попречува неопходната реформа, а Македонија презеде обврска тоа да го направи во согласност со законската регулатива на ЕУ.
Откако медиумите ја објавија информацијата дека министерот размислува да ја напушти позицијата поради блокада на пакетот европски закони – на веб-страницата на Собранието експресно се појавија четири законски решенија на собраниската агенда. Станува збор за законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација. Но, меѓу нив не е и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој помина прво читање во Собранието, но повеќе месеци е заглавен пред Комисијата за европски прашања со која претседава пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми, кој не закажува седница на комисијата за овој Закон.
Министерот Алиу одби да потврди или да демантира дали ТВ Алсат е медиумот поради кој се блокира Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а со тоа и целиот пакет европски закони.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој има и европско знаменце треба да ја спречи енормната пиратерија на канали од регионот и други странски канали, со што се прави директна штета и на корисниците, но и на телевизиите и на кабелските оператори. Со носење на овој закон треба да се регулира и телевизискиот пазар според комерцијални принципи. Ваквото законско решение треба да помогне во унапредување на правата на медиумските работници. Со законот за аудиовизуелни медиумски услуги треба да се регулира и правото за емитување кампањи од јавен интерес, особено од областа на здравствената заштита.