Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, синоќа во Куманово добил поддршка од мнозинството членови на партиското собрание партијата да се приклучи на опозицискиот Европски сојуз за промени.
„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената почна!“, објави Таравари на неговиот фејсбук профил. Ентузијазмот не го криеше ни пред почетокот на средбата, наведувајќи дека „Куманово урива рекорди“.
„Има толку многу луѓе, што сите наши очекувања се надминати!“, напиша Таравари.
Иако 85 од делегатите на собранието се потпишале на изјавата за поддршка на Таравари, во Куманово биле присутни 75. Со декаларацијата делегатите му дале целосна поддршка на Таравари за коалиција со опозициските партии на Албанците. Втората точка од оваа декларација се однесувала на условот партијата по изборите да го продолжи европскиот пат и да не коалицира со антизападни сили.
Таравари изразил очекување во следните денови уште повеќе членови и симпатизери на Алијанса да се приклучуваат на идејата за промени, а испратил и порака до опонентите во партијата.
„Тие мислат различно од нас. Тие мислат дека промени се прават со ДУИ. Ние мислиме дека промените се прават преку Алијанса за Албанците и со некои други албански партии. Промените доаѓаат на 8-ми мај, на 9-ти мај верувам дека ние ќе бидеме главен одлучувачки фактор за иднината на Македонија. Ќе се држиме до проевропскиот пат, тоа е несомнено. Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ“, порачал Таравари.